Случајот во Загреб кога поранешен ученик во основно училиште, на 19-годишна возраст, влезе вооружен со нож и при нападот уби седумгодишно дете, а три други ученици и една наставничка беа повредени, го потресе цел Балкан, вклучувајќи ја и македонската јавност.
Родителите, учениците, наставниците и целиот образовен кадар сѐ уште не ги заборавиле дојавите за бомби од 2023 година и настанот во Белград каде што 13-годишен ученик уби осум соученици во своето училиште, поради што мораше да се напишат нови протоколи за безбедност и да се подигне нивото на будност околу тоа кој сѐ влегува и излегува од училишните простории.
Истовремено, стравот ја отвори дебатата дали нашите училишта имаат протоколи или упатства како да постапуваат при ненадејни настани како тие во Загреб или Белград, дали треба да се воведат посериозни мерки и што да се преземе при такви ситуации. По настанот во Загреб, родителите на социјалните мрежи повторно изразија загриженост и повикаа општините, МОН и МВР да преземат посериозни мерки за безбедноста на учениците.
Во годишните програми, училиштата по закон се должни да планираат програми за промоција на безбедноста на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и подобрување на комуникацијата во контекст на тоа да се подигне свеста кај учениците како да постапат при вонредни несакани ситуации.
- Согласно законската регулатива, училиштата се должни во своите годишни програми да планираат и програми за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично. Во тој контекст и МОН уште на почетокот на учебната година до училиштата достави допис со насоки да се организираат што повеќе наставни и воннаставни активности за учениците за подигнување на свеста за градење мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување. Учениците, пак, дополнително преку наставните програми и воннаставни активности се подготвуваат и за постапување при вонредни несакани ситуации и појави - велат од Министерството за образование и наука.
Од МОН сметаат дека местото на наставникот е клучно во сите активности насочени кон спречување и заштита од дискриминација и насилство.
- Затоа што низ воспитно-образовниот процес тој ја всадува кај децата и младите свеста дека никој не смее да биде жртва на насилство, а доколку се случи, за насилството не треба да се молчи. Наставниците поминуваат многу обуки за нивна професионална надградба, меѓу кои и за превенирање насилство. Втората инстанција е стручната служба во училиштето, а понатаму може да се вклучи и Педагошката служба при Министерството - додадоа од МОН.
Министерството ги охрабрува сите ученици да пријавуваат насилство во каква било форма, и тоа да го прават на електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk, директно во Педагошката служба или во Државниот просветен инспекторат.
Инаку, основачи на основните и средните училишта се општините. Тие поставуваат директори и заедно се одговорни за организирање на воспитно-образовниот процес за учениците, како и за нивната безбедност, која согласно тековната комуникација со училишните раководства е приоритет во градењето безбедна училишна средина.
Од МВР за „Факултети.мк“ велат дека е одржан работен состанок на кој присуствувале претставници од Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука, и се донесени заклучоци МОН да изработи упатства за грижа и безбедност за средните и основните училишта за постапување при евентуални терористички напади и други сериозни опасности.
Нашата држава има стратешки документ - Национална стратегија за безбедност на Република Северна Македонија за периодот 2024-2029, во која се предвидени мерки за заштита од хибридни закани, тероризам и други безбедносни ризици и закани.
- Во тој контекст, МВР преку надлежните организациски единици за превенција одржува редовни состаноци и координација со училиштата, на кои се прави безбедносна анализа, при што се утврдуваат мерките, начинот и активностите што ќе се преземаат од страна на полициските службеници и вработените лица задолжени за обезбедување во училиштата во насока на јакнење на безбедноста на учениците и вработените во образовните установи - велат од МВР.
Во периодот кога училиштата во Скопје, посебно средните, добиваа секојдневно дојави за бомба, наставата се прекинуваше, учениците мирно излегуваа надвор додека екипи на МВР проверуваа дали има некој опасен уред или пак се работи за лажна закана.
Поради честата појава, се договорија нови протоколи за безбедност меѓу Министерството за образование, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, иако за безбедноста првично се грижи општината како орган под чија надлежност се училиштата.
Според тој протокол, ако едно училиште добиеше дојава за бомба, наставата не се прекинуваше, потрагата по евентуално поставена бомба најпрво ја правеше полицијата заедно со вработени од училиштето, а ако имаше нешто сомнително, дури тогаш се одеше на евакуација на учениците и наставниците и се повикуваа антитерористичките единици на МВР.
Инаку, за безбедноста на учениците во училиштата во земјава се грижи и МВР преку Одделението за превенција. Постојано се држат работилници, се изработуваат прирачници наменети за членовите на клубовите за превенција и стручните служби во средните училишта. Тоа е дел од превентивните мерки за спречување на врсничкото насилство и сајбер-булингот. На овие работилници се презентираат и добри практики на однесување, препознавање и постапување во случаи на насилство во училиштата.
Владата планира промени во начинот на кој ќе се обезбедуваат училиштата и тоа е предвидено во нејзината програма за работа до 2028 година. За разлика од сега, кога училиштата ги чуваат приватни агенции за обезбедување, Владата во својата програма предвидува дека државата ќе ја преземе обврската за гарантирање на безбедноста на училиштата преку формирање државна агенција за обезбедување.
- Фокусот на Владата ќе биде ставен на превенцијата и заштитата на децата и младите како наш највреден општествен ресурс. Од тие причини, предвидуваме, за разлика од сега кога училиштата ги чуваат приватни агенции за обезбедување, државата да ја преземе обврската за гарантирање на безбедноста на училиштата и на нашите најмлади – преку формирање државна агенција за обезбедување - се наведува во Програмата на Владата.
Но, се работи за институција која нема да биде под надлежност на МОН бидејќи нема да се занимава со образовна дејност. За разлика од институциите што треба да предвидуваат хипотетички ситуации, наставниците и стручниот кадар како главни актери во процесот треба да детектираат девијантни појави кај одредени ученици за да не се случат Загреб и Белград.
Иле Михајловски, еден од најдобрите 50 наставници во светот, вели дека ова што се случи во соседството неминовно значи дека секоја млада генерација е сериозно под влијание на она што се случува околу неа.
- Ако зборуваме за булингот, ние сме вклучени во проект за безбедни училишта. Сега сериозно се работи на булингот во секоја негова девијантна појава. На нашево и на многу училишта ни е наложено да си направиме протокол што да правиме, да имаме лица за контакт да се пријави секоја форма на булинг. Сите училишта во земјава се соочуваат со истото - при појава на булинг имаме криење, деца жртви на булинг различно го прифаќаат тоа, многу од нив не зборуваат отворено и искрено. Имаме продолжена траума што, за жал, кај некои деца може да доведе до одредени модели на девијантно однесување. Такви примери ни се случаите во Србија, Хрватска... Тука е прашањето колку секое училиште е опремено со квалитетна стручна служба, некои училишта имаат само педагог. Она што ме загрижува е дека кај деца од 6 години уште при уписот се забележува дека имаат депресија и анксиозност. Признавањето од самите родители, фактот дали се свесни дека детето им е депресивно е многу важен бидејќи често таквите родители се тешки за комуникација. Едни имаат заштитнички гард, а други не ја признаваат состојбата. Битен е и самиот влог на наставникот, што прави во училницата за децата да се чувствуваат сигурни и дека не се на обвинителна клупа. Честопати зад некое девијантно однесување на дете лежат трауми од детството, од лошите односи во семејството, на пример, насилен татко, насилна мајка, алкохоличар во семејството итн. - истакна Михајловски за „Факултети.мк“.
Фото: приватна архива