X
 14.03.2024 Технологија

Европскиот парламент го изгласа законот за вештачка интелигенција

Европратениците го одобрија долгоочекуваниот Закон за вештачка интелигенција, за кој тврдат дека ја гарантира безбедноста и заштитата на основните права, истовремено поттикнувајќи ги иновациите во областа на оваа технологија. Правилата за вештачка интелигенција, кои ќе бидат воведени низ ЕУ, се воспоставени врз основа на нејзините потенцијални ризици. Така, во регулативата се истакнуваат забранети апликации, посебни правила за системи со висок, среден и низок ризик, согласно предлозите и политичкиот договор со Европскиот совет, од декември минатата година.

Забрани за биометриски апликации

Новите правила забрануваат одредени апликации на вештачка интелигенција кои ги загрозуваат правата на граѓаните, вклучително и системите за биометриска категоризација, засновани на чувствителни карактеристики и бесцелно собирање слики од лица од интернет, или снимки од надзор, за создавање бази на податоци за препознавање лица.

Препознавањето на емоциите на работното место и во училиштата, евалуацијата на граѓаните, прогностичката полициска работа (кога се заснова исклучиво на креирање профил на поединци или процена на нивните карактеристики) и вештачката интелигенција која влијае врз човечкото однесување или ја искористува ранливоста на поединците - е исто така забрането.

Исклучоци

Употребата на системот за далечинска биометриска идентификација за целите на кривично гонење начелно е забранета, освен во околности кои се исцрпно наведени и прецизно дефинирани. Далечинската биометриска идентификација во реално време може да се користи само доколку се исполнети строгите барања, на пример, нејзината употреба да е временски и географски ограничена и претходно да е дадена посебна судска или административна дозвола. Некои примери за такви околности се на пример - насочена потрага по исчезнато лице или спречување терористички напад.

Системи со висок ризик


Предвидени се јасни обврски и за другите високоризични системи за вештачка интелигенција (поради нивниот значителен потенцијал за загрозување на здравјето, безбедноста, основните права, животната средина, демократијата и владеењето на правото). Високоризичната вештачка интелигенција се користи, меѓу другото, за критична инфраструктура, образование и обука, вработување, клучни приватни и јавни услуги (на пр., здравство, банкарство), одредени системи во рамките на кривичното гонење, миграција и управување со границите, правда и демократски процеси (на пр., влијание врз изборите).

За таквите системи треба да се обезбеди процена и ублажување на ризикот, водење евиденција за користење, транспарентност и прецизност и човечки надзор.

Обврска за означување на содржината

Системите за вештачка интелигенција за општа намена и моделите на кои тие се засноваат мора да исполнуваат одредени критериуми за транспарентност, вклучително и усогласеност со законот за авторски права на ЕУ и објавување детални резимеа на содржината што се користи за обука на системот. Помоќните системи за вештачка интелигенција за општа намена кои би можеле да претставуваат системски ризици, ќе подлежат на дополнителни барања кои вклучуваат евалуација на моделот, процени и ублажување на системскиот ризик и известување за инциденти.

Вештачки креирана или манипулирана аудиосодржина, фотографии и видеосодржини („дипфејкс“) мора да бидат јасно означени како такви.

Поттикнување на иновациите

Законот, исто така, наведува дека е неопходно да се воспостави регулаторно изолирано опкружување и тестирање во реални услови на национално ниво и да се овозможи пристап до стартап-компаниите и малите и средни компании за да можат да развијат и обучуваат иновативни системи за вештачка интелигенција, пред што бил ода пуштат во промет.

Имплементација во практика

Регулативата допрва треба да ја разгледаат правници лингвисти, а се очекува да биде изгласана пред крајот на оваа собраниска седница. Советот, исто така, треба официјално да го одобри Законот, а ќе стапи во сила 20 дена по неговото објавување во „Службениот весник на Европската Унија“. Ќе започне да се применува 24 месеци по стапувањето во сила.

Спроведувањето на законот по земја ќе биде одговорност на локалните власти, инаку задолжени за надзор на пазарот, додека на ниво на ЕУ, имплементацијата на регулативите ќе биде координирана од новоформираната Европска канцеларија за вештачка интелигенција, во рамките на Европската комисија.

- Конечно го имаме првиот обврзувачки закон за вештачка интелигенција во светот, за намалување на ризиците, создавање можности, борба против дискриминацијата и воведување транспарентност. Благодарение на Парламентот, неприфатливите практики на вештачка интелигенција ќе бидат забранети во Европа, а правата на работниците и граѓаните ќе бидат заштитени - истакна Брандо Бенифеи, известувач на Комитетот за внатрешен пазар на ЕУ.

Извор: Bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија