X
 14.11.2021 Здравје

Како ќе изгледа крајот на пандемијата?

Малку е веројатно дека светот ќе успее да го елиминира коронавирусот што ја предизвикува болеста ковид-19. Меѓутоа, ќе дојде денот кога повеќе нема да има пандемија и кога случаите ќе се контролираат, а болниците нема да бидат преполнети со пациенти. Си-ен-ен разговара со повеќе експерти на темата, а еве како тие го замислуваат крајот на пандемијата.

Доктор Арнолд Монто, професор по епидемиологија на Универзитетот на Мичиген и претседател на советодавниот комитет за вакцини и биолошки производи на американската Агенција за храна и лекови, објаснува дека нема мерка според која би се одредило дали станува збор за епидемија или пандемија. Според него, добрата вест е дека вакцините се ефикасни, но лошите вести се дека вирусот се менува и еволуира, па затоа никој не може да ја предвиди иднината кога станува збор за ковид-19.

- Со промената во начинот на пренесување, како што се појавуваат соеви - јас го нарекувам ова парада на соеви - гледаме пообемно и поеднакво ширење на глобално ниво. Ова го отежнува прогласувањето на крајот на пандемијата - вели Монто.

Тој и други експерти очекуваат дека во иднина би можело да се следи ширењето на коронавирусот слично како сезонскиот грип.

- Не знаеме дали ќе ја видиме таа сезонска шема со САРС-КоВ-2, но нè потсетува дека повеќето од нашите респираторни вируси почнуваат да се однесуваат како сезонски настани - вели Монто.


Фото: Pixabay

Според него, ќе треба да почекаме за да видиме како ќе изгледа ендемската фаза од ширењето на коронавирусот. Ендемична болест е болест која е постојано присутна помеѓу населението, но не заразува многу голем број луѓе како во пандемичната фаза. Светската здравствена организација (СЗО) во 2020 година предвидуваше дека коронавирусот ќе стане ендемична болест.

Според доктор Антони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести на САД, експертите се надеваат дека коронавирусот ќе има толку малку случаи што нема да има влијание врз јавното здравје или начинот на живот. Затоа е потребно да се вакцинираат повеќе луѓе низ целиот свет, изјавил тој.


Фото: Pixabay

Доктор Филип Ландриган, педијатар и епидемиолог од колеџот „Бостон“, објаснил за Си-ен-ен дека треба да се развие имунитет на коронавирусот за тој да премине во ендемична фаза. Според него, барем 80 отсто од жителите, а можеби и над 90 отсто треба да имаат имунитет преку вакцинација или прележување за да се добие колективен имунитет.

Доктор Рошел Валенски, директорка на американскиот Центар за контрола и спречување болести, изјавила дека државата веројатно ќе развива стратегија за ендемичната фаза од болеста врз основа на стратегијата за грипот.

Центарот соработува со болници, лаборатории и ординации за да ги следи случаите на грип со цел да одреди кои соеви на грип циркулираат и да го измери нивното влијание. Сличен систем за следење би можел да се користи и за коронавирусот.

Извор: CNN
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје