X
 30.12.2015 Образование

Дома на час - Домашното образование е добра идеја


 
Во многу европски држави образованието во домашни услови е легално. Тоа е случај во Австрија, Велика Британија, Ирска, Норвешка, Германија, Полска, Романија, Словенија, Франција, Украина, Холандија, па и во Црна Гора. Кај нас засега не се размислува за воведување ваква новина.

Според некои образовни експерти, треба да се прават внимателни потези при воведувањето домашно образование, се разбира, ако веќе има расположение за такво нешто.

Треба да се внимава на правата на децата

Либерализмот во образованието неминовно го отвора и прашањето на домашното образование, иако историски гледано првиот систем на образование е всушност домашното образование, смета проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки на штипскиот универзитет.

- Ова прашање треба да се отвори во општеството и да се дебатира бидејќи е многу чувствително и секогаш треба да се внимава на интересите и правата на децата. Домашното образование постои во многу земји во светот и тоа е особено застапено во англосаксонската традиција на образовни системи. Неговите клучни карактеристики се тоа што е приватно, се реализира во домот и е под раководство и контрола на родителите. Тоа е момент кога се задоволуваат желбите на родителите и кога тие се клучниот фактор кои оценуваат што е најдоброто за неговите деца. Критики за и против има во многу земји, и тие во главно се однесуваат на недостатокот на социјалниот и емоционалниот елемент во развојот на децата како и на адаптацијата во општеството – смета Барбарев.

Според него, исто така со оваа алтернатива на образование се отвора и прашањето дали така ќе се поделат децата на богати и сиромашни.

- Остануваат отворени и прашањата, кој ќе ја изготвува програмата, кој ќе ја акредитира? Дали семејството може да ангажира и учител, и многу други прашања. Од друга страна, застапниците на оваа форма на образование е со критики кон државниот систем на образование и се незадоволни од ефикасноста на воспитно-образовниот систем, но и силно го нагласуваат правото на родителот на одлучува за образованието на неговите деца. Затоа треба многу внимателно да се тргне со ова прашање и пред се` да се дебатира во стручната и пошироката јавност - потенцира Барбареев.

Ако нема резултати, детето мора да оди на училиште

Во поголемиот број европски држави вклучително и Словенија и Црна Гора, основното образование дома е дозволено. Во пракса тоа би требало да изгледа вака: три месеци пред почетокот на наставата родителите се должни да го известат училиштето во кое детето е запишано дека наставата ќе се организира дома. Таа ќе биде по наставната програма и националниот курикулум по кој се образоваат и неговите врсници. Училиштето на крајот на годината е должно да организира проверка на знаењата односно испити по секој предмет. Ако ученикот два пати по ред нема добри резултати на тие тестови, родителите мораат да го запишат на училиште.

Мотивите поради кои родителите одлучуваат да ги образоваат своите деца дома, се различни. Според податоци за САД, 33 отсто тоа го прават од религиозни причини, 30 отсто сметаат дека се лоши условите за учење во училиштата, 14 отсто не се сложуваат со тоа што се учи на училиште, 11 отсто сметаат дека децата на училиште немаат доволно академски предизвици, а девет отсто го навеле моралот како причина поради која ги школуваат децата дома.

И за дома треба да се купат учебници, литература, нагледни средства

Домашното образование чини повеќе од државното образование, а помалку од приватното образование. Во Америка на пример, едно семејство во просек троши околу 900 долари по ученик годишно. Се трошат пари за учебници, за материјали, за дополнителна литература, се плаќа и за користењето на наставните програми. Исто така, стандардизираните тестови чинат четириесетина долари. Ако се ангажира некој да го администрира тестот, треба да се платат од 25-50 долари по ученик. Приватна евалуација чини од 50 долари до неколку стотици долари, зависно од оценувачот. Има и можност да се избере детето да го тестира локалното јавно училиште. 
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование