X
 18.08.2018 Наша тема

Археолозите дефицитарни во Македонија. Што сѐ можете да работите со оваа професија?

До Филозофскиот факултет стигнале многу барања за ангажирање студенти-волонтери преку пракса, особено во летните месеци кога потребата е најголема. Но, малиот број студенти може да ги задоволат потребите на една институција или агенција


Археолозите не мора да работат исклучиво во музеите, можат да соработуваат со нив. Во последните години тренд се независни археолошки здруженија и организации кои може да реализираат многу работи од областа на археологијата и културното наследство во соработка со државните институции, меѓународни фондови, приватни компании, вели Игор Ефтимовски, неодамна дипломиран археолог.

Од школата за конзервација на мозаици на Стоби   Фото: НУ „Стоби“

Пред петнаесетина години за изучување на оваа професија се пријавуваа многу матуранти. Но, во последните години интересот опаѓа. Тоа го потврдува и проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во чии рамки дејствуваат и катедрите за археологија и за историја на уметноста. Сепак, работа за овие професии има.

- Односот кон културата и разбирањето на културниот менаџмент, за жал, резултираа и со намалување на интересот за студирање на студиските програми по историја на уметност и археологија. Но, со развојот на туризмот во последната деценија, многукратното зголемување на посетителите во музеите, наоѓалиштата и другите културни знаменитости во нашата земја, се јави потреба за поголем број стручни лица кои познаваат странски јазици, кои ќе ги презентираат поставките, ќе ја збогатуваат понудата... Но, повеќедецениското неразбирање дека културата носи финансии и дека културниот туризам повлекува развој и на други дејности доведе до намалување на интересот бидејќи работните места од година на година беа сè поредуцирани – вели Дуев.

Проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје

До Филозофскиот факултет стигнале многу барања за ангажирање студенти-волонтери преку пракса, особено во летните месеци кога потребата е најголема. Но, малиот број студенти може да ги задоволат потребите на една институција или агенција.

- Од друга страна, сите студенти во летниот период се ангажирани на тековните археолошки проекти на факултетот. Затоа, како факултет ги прифативме сите иницијативи од националните установи, туристичката комора, невладините организации да се укаже на потребата државата и приватниот сектор поактивно да се вклучат во поддршката на високото образование, во отворање и на специјалистички и постдипломски студии за културен менаџмент, за да се зголемат човечките ресурси од оваа област кои ќе можат да ги задоволат потребите на пазарот и во голема мера ќе помогнат во промоцијата на културното наследство на нашата земја – вели Дуев.

Никој не коментира за економија, но сите знаат сè за културното наследство

Младиот археолог Игор Ефтимовски неодамна дипломирал со просек 9,95 и во моментот трага по професионален ангажман. Тој и повеќе студенти по археологија и по историја на уметност во изминатите години беа исклучително активни во Студентско археолошко здружение „Аксиос“, а пред неколку месеци со археолошкиот локалитет „Стоби“ склучија договор за соработка. Се покажало дека со вработените „зборуваат на ист јазик“.

Игор Ефтимовски (лево) и Мишко Тутковски

- Природно беше да ја издигнеме соработката на повисоко, официјално ниво, преку меморандум за соработка кој на сегашните и на идните членови на „Аксиос“ ќе им обезбеди одлична можност за практична работа и проширување на знаењата. Документот е правна основа за заедничка организација на настани, предавања, работилници, летни школи, размена на публикации... – вели Ефтимовски.

На прашањето што сè може да работи еден дипломиран археолог, тој објаснува дека тренд е основање на независни археолошки здруженија и организации кои може да реализираат широк спектар на проекти поврзани со археологијата и културното наследство, во соработка со Министерството за култура, институциите и со приватниот сектор.

Студент учи конзервација на керамика  Фото: НУ „Стоби“

- Археолозите може да бидат и многу значаен ресурс во развојот на туризмот во Македонија, со оглед на тоа што тие најдобро го знаат нашето културно наследство и може да го применат во туристички цели. Тука е и новата, дигитална доба. Со исклучок на неколку позитивни примери, македонската археологија сè уште нема фатено вистински чекор со светот на интернетот и социјалните медиуми, па тоа е уште една сфера во која младите археолози може активно да се вклучат – вели тој.

Ефтимовски додава дека археологијата може да има значаен придонес во многу сфери од нашето живеење, но археолозите мора да се наметнат во јавноста, да го кренат гласот и да покажат што сè можат да понудат.
- На телевизиските дебати често се случува некој од гостите да се огради од одредени економски или правни прашања бидејќи по професија не е економист или правник. Но, кога ќе дојдат прашања поврзани со култура, културно наследство, историја или идентитет, кои во моментов се доста актуелни, сите се експерти, а вистинските професионалци од таа сфера остануваат неслушнати. Тоа мора да се промени – вели Ефтимовски.

Локалитетите добиваат истражувачи, студентите - искуство

Мишко Тутковски, директор на „Стоби“, вели дека целта на соработката со „Аксиос“ и со Филозофскиот факултет е да се остварат заедничките интереси во истражувањата и едукацијата од областа на културното наследство. Така ќе се зајакне и соработката меѓу високообразовните институции и националните установи од областа на заштитата на културното наследство. Според Тутковски, тоа пред сѐ се однесува на размена на информации, соработка и реализација на заеднички проекти.

Активности на археолошкиот локалитет   Фото: НУ „Стоби“

Во изминатите месеци локалитетот ангажирал повеќе студенти (членови на „Аксиос“) од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и од Универзитетот ,,Гоце Делчев“ во Штип, речиси на сите тековни проекти. Студентите учествувале на археолошките истражувања на комплексот градби околу храмот на Изида, на конзервацијата и реставрацијата на полукружниот плоштад, учествувале во изготвувањето конзерваторска документација на дел од мозаиците на локалитетот, а биле вклучени и на ископувањата во Теодосијанската палата.

- Деновиве ќе почнат доистражувањата, конзервацијата и реставрацијата на античкиот театар и конзервацијата и реставрација на мозаиците од Епископската базилика каде што повторно ќе ангажираме повеќе студенти. Досегашната соработка со студентите од „Аксиос“ се покажа како многу успешна, значајна и добредојдена за двете страни. Студентите се стекнуваат со нови знаења и практични вештини кои се многу важни за нивната едукација и понатамошниот развој во струката. Ние, пак, бележиме зголемување на ефикасноста и ефективноста во работата, во споредба со претходните години кога студентите не биле вклучени во тековните проекти на Стоби – вели Тутковски.


Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема