X
 16.07.2022 Наша тема

Стекнатото знаење го вложувам во Македонија, вели Тодор Стојчевски, докторанд на Факултетот за медиуми во Љубљана

Наградите во новинарството потврдија дека знам да менаџирам со информации и тоа беше признаено и од меѓународна организација, како што се Обединетите нации. Сега треба да се потврдам и во односите со јавноста, каде што „пливам“ 11 години, на домашно и на регионално ниво

- Македонија мора стратешки да размислува и да најде начин да го оневозможи заминувањето на потенцијалите во светот, односно светот да го донесе кај нас. Тоа го можеме, знаеме, умееме. Јас сум пример дека, иако студирам во Словенија, не размислувам (барем засега) да се иселам каде било, туку она што го учам, мрежата што ја градам, знаењето што го добивам ги вложувам во темелите на македонското знаење, наука, практика - вели Тодор Стојчевски, докторанд на Факултетот за медиуми (FAME) во Љубљана, Словенија.

Новинарството е првата љубов на Тодор и во таа област има добиено повеќе меѓународни награди. Во изминатите 12 години тој е на „професионална печалба“ во сферата на односите со јавноста, пред сѐ, како сопственик на Агенцијата за односи со јавност „Чептер 4 Македонија“.

- Наградите во новинарството потврдија дека знам да менаџирам со информации и тоа беше признаено и од меѓународна организација, како што се Обединетите нации. Сега треба да се потврдам и во односите со јавноста, каде што „пливам“ 11 години, на домашно и на регионално ниво. Во новинарството имав обврска да донесам и „спакувам“ информација која друг ја дистрибуираше преку медиумот. Во односите со јавноста мојата улога е проширена, во смисла дека добиваме информација од клиентот, ја „пакуваме“ во интелектуален производ и наоѓаме соодветен начин да ја дистрибуираме до јавноста - додава Тодор, кој веќе има објавено еден научен труд на студиите во Словенија, а се очекува да подготви уште два, со што ќе се стекне со звањето доктор по стратешко комуницирање.

Дипломирал на Правен, магистрирал на Филозофски и сега чека докторат во Љубљана

Тодор зборува за неговиот интересен избор на образовни институции низ годините, со оглед на тоа што пред да замине на докторските студии во Љубљана, дипломирал на Правниот факултет во Скопје, отсек новинарство, а потоа магистрирал на Филозофскиот факултет.

- Есенцијалната состојка што ги поврзува овие три образовни институции е мојот личен интерес за комуникацијата. На студиите по новинарство учев, а потоа низ практиката ги доусовршував процесите на пишување, на говорење, на комуникација, на обраќање кон јавноста.

Мојот „романтизам“ ме однесе на Институтот за мир и развој откако во нашата татковина минавме низ кризен период, низ конфликтна катарза, каде што лично сведочев како се (зло)употребува информацијата и комуникацијата за постигнување одредени цели. Потоа се запишав на докторски студии на одделот за стратешко комуницирање на факултет во Словенија како дел од мојата лична професионална стратегија - додава Тодор.

1.400 студенти од Македонија студираат во Словенија

На еден настан словенечкиот амбасадор Милан Предан има потенцирано дека 1.400 студенти од Македонија студираат во Словенија. Ваквата информација ни ја потврди и Тодор. Според него, добро е што студентите што заминуваат во Словенија се храбри и сакаат да научат нешто ново, а предизвикот за нас е тие квалитетно едуцирани личности да ги вратиме во Македонија за да може земјата да ужива во нивниот потенцијал.

- Ова не е мала бројка, но според мене, не треба да нѐ загрижува самата бројка. Факт е дека нашите ученици успешно се пробиваат во светските образовни институции, што говори дека имаат одлична основа во основното и во средното образование. Уште повеќе ова го потврдува и фактот дека речиси сите имаат успешни кариери во Словенија, во Европа и во светот - вели Тодор.

Предизвик е да го слушнеш јазикот на колешката која минала илјадници километри

„Обликување на јавноста во Југоисточна Европа преку анализа на социјално поле“ е темата што ќе ја обработува Тодор со цел да се стекне со титулата доктор на науки во Љубљана. Освен што ќе стане доктор, голема придобивка од студирањето во Љубљана гледа во тоа што ќе го научи словенечкиот јазик, ќе добие европска диплома и притоа се вклучува во позитивен натпревар со научници од светот, се дружи со колеги со разно образовно милје, слуша настава на англиски јазик и ужива во убавините што ги нуди земјата.

- Првиот семестар имав мултилингвистички предавања по неколку задолжителни и два изборни предмети. Јазикот не претставуваше проблем, напротив, беше предизвик да осознаеш повеќе за колегата до тебе, да го слушнеш јазикот на колешката која минала илјадници километри само за да научи нешто повеќе. Системот на оценување е ист како и во земјава. Уште на почетокот, веднаш по завршување на предметите, дефинираш тема на која ќе го работиш својот докторат и професор-ментор со кој ќе стигнеш до целта. За моја среќа, првично дефинираната тема со мојот ментор, професор д-р Борут Рончевиќ, е патеката на која ќе докторирам. Станува збор за комуниколошко-социолошка тема, каде што разработувам еден нов теоретски модел на дефинирање на процесот на стратешко комуницирање меѓу различни актери и различни јавности под влијание на разни социјални сили - вели Тодор.

 Новинарите треба да бидат храбри и да „тестираат“

 - Не би сакал да звучам премногу филозофски, но овде секогаш доаѓам до девизата што е прво - јајцето или кокошката. Дали јавноста е насочена кон сензација, кон вести со „крв“, или медиумите се тие што ѝ сервираат на јавноста сензационализам и шоу - на овој начин Тодор како комуникациски експерт и новинар со искуство ја отсликува медиумската ситуација денес. Тој алудира на тотален контраст во новинарството од пред 20 години кога тој почнал како млад новинар и сега.

- Новинарството беше сосема поинакво во сите аспекти во однос на сегашноста. И техничките услови, интересите, личностите кои го дефинираа, правилата на игра, потребата од информации и други аспекти. Медиумите се „должни“ да сервираат разно мени со информации, додека јавноста има право да избере што сака да консумира. Дали тоа ќе биде сензација или ќе бидат сериозни теми, зависи од јавноста. Медиумите треба да го следат импулсот на јавноста. Тоа е исто како слаткарот кој може да прави разни видови слатки и да им ги понуди на купувачите, но, секако, купувачот ќе одреди што од тоа ќе го задоволи неговиот вкус и ќе продолжи да купува од слатките што ги сака. Новинарите и професионалците во односите со јавноста треба да бидат храбри и да „тестираат“. Да нудат сериозна палета на информации кои ќе овозможат динамика во комуникацијата, размена на информации, на мислења, ставови, на дејствија - завршува Тодор.

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема