X
 16.08.2017 Култура

Десет книги за иднината на човештвото што секој треба да ги прочита

Никој со сигурност не знае како ќе изгледа следната деценија или следниот век. Но, многу писатели со бујна фантазија и талент за детали и за секојдневието ја замислиле иднината во своите книги. И ние со нив можеме да патуваме низ времето. 

Бизнис инсајдер“ го претставува списокот од 10 книги за иднината на човештвото што секој треба да ги прочита.

Децата на новиот свет: Приказни (Children of the New World: Stories), Александер Вајнстајн

Книгата се состои од 13 кратки приказни кои ја предвидуваат можната иднина. Многумина ја споредуваат со серијата „Црно огледало“ (Black Mirror) на Нетфликс – приказните се помалку застрашувачки и вклучуваат импланти на социјалните медиуми, испреплетување на виртуелното и реалното, и роботи кои наликуваат на луѓето.

Приказната на робинката (The Handmaid`s Tale), Маргарет Атвуд

Книгата е објавена во 1985 година и опфаќа модерни теми како феминизмот, моралниот релативизам, сексуалноста и манипулацијата со моќ.

Сторијата е следна – млади жени се киднапирани, ослободени од идентитетот кој го имале порано, и имаат само една улога – да раѓаат деца кои ќе им бидат одземени. Колку е актуелна темата на книгата (пишувана пред повеќе од 30 години) зборува и огромната популарност на истоимената серија, која е снимена оваа година.

Шестото исчезнување: Неприродна историја (The Sixth Extinction: An Unnatural History), Елизабет Колберт

Комбинирајќи ги науката и историјата, Колберт го истакнува човечкото влијание врз животната средина во оваа книга, која беше објавена во 2014 година и наградена со Пулицерова награда.

Со тоа што согоруваме фосилни горива, влијаеме врз атмосферата, океаните и климата, истовремено убивајќи милиони видови. Колберт ги комбинира живописните описи на природните чуда за да ја објасни сегашноста на Земјата и можната иднина.

Ова менува сѐ: Капитализмот версус климата (This Changes Everything: Capitalism vs. The Climate), Наоми Клајн

Клајн е позната противничка на капитализмот и немилосрдната глобализација. Таа постојано ги преиспитува правилата на глобалната економија и политичкиот систем, со цел нашето општество да може да тргне кон своја позелена иднина. Таа во книгата истакнува дека ако се откажеме од капитализмот, тоа не само што ќе ја намали емисијата на јаглероден диоксид туку и ќе ја намали нееднаквоста, и ќе создаде основа за подобра демократија.

За 100 години: Водечките економисти ја предвидуваат иднината (In 100 Years: Leading Economists Predict the Future), уредил, Игнасио Паласиос – Хуерта

Во оваа книга од 2015 година, 10 угледни економисти, вклучително и неколкумина добитници на Нобелова награда, нудат свое видување на тоа како би изгледал светот во XXII век. Овие мислители, меѓу другото, ги разгледуваат иднината на работните места, платите, еднаквоста, технологијата и климатските промени.

Екстремната иднина: Трендови што ќе го променат светот во следните 5, 10 и 20 години (The Extreme future: The Top Trends That Will Reshape the World in the Next 5, 10 and 20 Years), Џејмс Кантон

Кентон, советник на дури три претседатели во текот на три децении, ги превидува идните трендови во бизнисот, технологијата, тероризмот, животната средина и медицината. Објавена е во 2007 година, но експертите сметаат дека ќе биде актуелна и во наредните 20 години.

1984, Џорџ Орвел

Книга што нема рок на траење. Напишана е во 1948 година, на прв поглед изгледа како научна фантастика, но според својата суштина е реалноста која сме ја живееле, која ја живееме и ќе ја живееме. Орвел нè предупредува на опасноста од тоталитаризмот, кој во оваа книга е доведен до екстрем.

Фаренхајт 451 (Fahrenheit 451), Реј Бредбери

Уште една дистописка приказна од 1953 година во која главниот лик Гај Монтаг е пожарникар, во свет каде што телевизијата управува со сè и сешто. Литературата е на пат сосема да изумре, а должноста на Монтаг е да ги запали сите тие книги. Како и „1984“, и оваа книга ја истакнува опасноста од контрола на умот и тоталитарност на државата.

Храбар нов свет (Brave New World), Олдос Хаксли

Во иднината на Хаксли бебињата се раѓаат во лаборатории, општеството обесхрабрува каква било индивидуална мисла или дело. Иако светот е мирен, главниот лик, Бернард  Макс, се прашува дали постои уште нешто... Книгата е напишана во далечната 1932 година, но нималку не изгубила од својата актуелност и острина. Никој не успеал така да навлезе во можната иднина на репродуктивната технологија и психологија како Хаксли.

2001: Одисеја во вселената (2001: A Space Odyssey), Артур Ч. Кларк

Кога ќе се спомне насловот – „Одисеја во вселената“, прво се помислува на култниот филм на Стенли Кјубрик. Идејата околу која се врти книгата истовремено е и страшна и реална – вештачката интелигенција го презема вселенското летало – со надеж дека ќе го покори и универзумот.

Компјутерскиот систем ХАЛ 9000 е толку напреден што е способен да чувствува вина, невроза, а дури и да убие...
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура