X
 22.12.2017 Здравје

Официјално: зависноста од компјутерски игри се смета за нарушување!


Две деца пред лаптопи
(Фото: Youtube)


Модерната доба и напредокот на технологијата ни донесоа и нови нарушувања.

Зависноста од компјутерските игри наскоро и официјално ќе биде класифицирана како ментално нарушување од страна на Светската здравствена организација (СЗО).

Меѓународната класификација на болести е прирачник што го издава СЗО, а последен пат е ажуриран пред 27 години.

Единаесеттото издание на овој прирачник ќе биде објавено во 2018 година и во него зависноста од компјутерски игри ќе биде заведена како едно од менталните нарушувања.

Тоа значи дека во прирачникот ќе мора да се најдат критериуми според кои ќе се утврдува дали некое лице страда од овој вид зависност.

Владимир Познијак, член на СЗО, вели дека оваа зависност е многу важен проблем.

„Професионалците од областа здравство мора да ја препознаваат зависноста од компјутерските игри како многу сериозна закана за здравјето. Повеќето луѓе што играат игри не страдаат од ова нарушување, токму како што ни сите луѓе што пијат алкохол не се алкохоличари. Сепак, во одредени околности претераната употреба може да доведе до несакани ефекти“.

Минатата година експертите од „Оксфорд“ спроведоа студија за да утврдат колкав е процентот на луѓе што се зависни од игри.

Студијата утврди дека само 2 до 3 проценти од вкупно 19.000 испитаници од Велика Британија, САД, Канада и Германија се вистински зависници.

Освен тоа, пред неколку години Американската психијатриска асоцијација направила листа со симптоми кои би можеле да покажат дали едно лице е зависно од играње компјутерски игри или не. Тие симптоми вклучуваат анксиозност, повлекување во себе и антисоцијално однесување.

Од друга страна, доктор Ендру Прзибилски, како еден од водечките автори на оксфордската студија, смета дека овој вид зависност „не е закана за здравјето“.

„Спротивно на очекувањата, студијата не пронајде поврзаност меѓу потенцијалната зависност и негативните ефекти врз здравјето. Потребни се дополнителни испитувања за да се утврди дали е можно „навлекување“ на игрите како што многумина стравуваат“, тврди тој.

И покрај тоа што некои не веруваат во фактот дека игрите создаваат зависност и дека се закана за менталното здравје, времето што некои луѓе го поминуваат пред екраните играјќи навистина вџашува.

Имено, истражувањето спроведено од ЕСЕТ покажа дека од 500 испитани гејмери десет проценти играат меѓу 12 и 24 часа на ден!
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје