X
 05.04.2018 Технологија

„Фејсбук“ потврди дека ви ги шпионира разговорите на „Месинџер“

„Фејсбук“ неделава откри дека ги скенира разговорите што корисниците ги водат на „Месинџер“ во обид да се осигури дека луѓето играат по правилата на апликацијата.


Фото: The Next Web

Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, најпрвин ги откри овие информации во едно интервју во кое спомена инцидент околу етничкото чистење во Мјанмар и објасни дека системите на компанијата детектираат што се случува кога луѓето се обидуваат да пратат сензационални пораки преку „Месинџер“. па „Фејсбук“ ги стопира тие пораки.

Од компанијата истакнаа дека ги анализираат разговорите на „Месинџер“ на ист начин како што ги анализираат јавните содржини на социјалната мрежа за да се спречи злоупотреба. Пораките што се означени дека ги нарушуваат стандардите на „Фејсбук“ се читаат од страна на модератори, кои може да ги блокираат или да ги отстранат, ако е потребно.

- На пример, кога на „Месинџер“ праќате фотографија, нашите автоматизирани системи ја скенираат користејќи технологија за спарување фотографии за да детектира познати фотографии од експлоатација на деца, или кога праќате линк, ние го скенираме за вируси и злонамерни софтвери. „Фејсбук“ ги дизајнира овие автоматски алатки за да можеме во краток рок да го запреме навредливото однесување на нашата платформа - рече портпаролката на компанијата.

Ова откритие со право ќе изиритира многу корисници на платформата, кои претходно можеби верувале дека „Месинџер“ навистина е приватен. Сепак, компанијата вели дека не ги анализира разговорите за да собере податоци што би им ги продала на компаниите што се огласуваат.

Може да се каже дека ова е уште една причина за да се откажете од „Фејсбук“, но треба да се разгледа како недостигот од надзор на таквите комуникациски платформи може да предизвика штета. Во Индија, каде што „Вацап“, која е во сопственост на „Фејсбук“, има повеќе од 200 милиони корисници на нејзиниот сервис, лажните слики, политичката пропаганда и другите форми на погрешно информирање често се шират како пожар додека вртат во групни разговори.

Вестите доаѓаат по неодамнешниот скандал во кој личните податоци на 87 милиони корисници биле собирани без нивно знаење од страна на компанија за анализа на податоци. Од „Фејсбук“ истакнаа дека повеќето од двете милијарди корисници треба да претпостават дека нивните податоци биле компромитирани на некој начин. Изворот на оваа ранливост е опцијата за пребарување на „Фејсбук“, која им дозволува на сите да побараат корисници преку нивната е-пошта или според телефонскиот број. Од компанијата истакнаа дека злонамерниците ги искористиле овие опции за да собираат јавни информации од профилите.

Па, треба ли да се ослободите од „Месинџер“? Ако го користите само за да си пишувате со луѓе што ги знаете, имате и други опции што се поприватни, вклучително „Сигнал“ и „Телефрам“. Но, ако го користите „Фејсбук“ за да се спријателите со луѓе на платформата, знајте дека вашите разговори се следат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија