X
 22.06.2018 Култура

Зошто филмот „Калеидоскоп“ на Хичкок бил премногу шокантен за да биде направен?

Покрај сите негови феноменални достигнувања, Алфред Хичкок е веројатно најпознат по филмот „Психо“, а особено поради една сцена во која човек облечен во облеката на неговата мајка прободува гола жена во када во мотел. Публиката од 1960 година се трауматизирала од таа сцена.

Во еден документарен филм за оваа сцена, Петар Богдановиќ се сеќава на крикот во киното кога филмот имал премиера во Њујорк.

Но, Хичкок имал уште еден шокантен филм што бил планиран неколку години подоцна - „Калеидоскоп“. Решен да ги стигне најиновативните режисери во Европа, Хичкок сакал да ги примени своите радикални методи на една од неговите типични темни приказни. Ако успеел, денес би славеле 50-годишнина од ова табу-разбивачко ремек-дело. Но не успеало.


Фото: Alamy


Во 1964 година Хичкок открил приказна за двајца англиски сериски убијци кои биле обесени во 40-тите, Невил Хит и Џон Џорџ Хаи. Филмот требало да биде претходник на „Shadow of a Doubt“ од 1943 година. Во овој филм Џозеф Котен го глуми таканаречениот убиец на вдовицата. Во филмот не убивал никакви вдовици, меѓутоа, Хичкок почувствувал дека може да биде поексплицитен во 60-тите. Не само што би покажал сериски убиец кој ќе ги заведувал и мачел своите жртви, туку и би можел да го направи серискиот убиец како централен лик на филмот.

Режисерот го замолил Роберт Блох, авторот на „Психо“, да напише роман базиран на неговата идеја, што потоа ќе биде преточена во филм. Наводно Блох сметал дека материјалот е премногу вознемирувачки, но кога Хичкок го замолил неговиот пријател Бен Леви да создаде скрипта во 1966 година, Леви немал такво мислење. Леви рекол дека една од сцените со заведувањето треба да биде најкрвавата сцена што некогаш видена на екранот.

Хичкок отишол чекор понапред - го напишал неговиот нацрт за сценариото.

Дејствието на филмот е во Њујорк, а оваа верзија на „Калеидоскоп“ го претставува Хит како згодно мамино момче наречено Вили Купер. Неговата убиствена манија е предизвикана од вода - оттука се и локациите на три клучни сцени во сценариото: водопад каде што тој носи вработен од ОН, ’рѓосан брод на пристаниште и рафинерија за нафта каде што неговата цел е всушност полициски детектив кој го ризикува животот за да го фати. Години пред „Ноќта на вештерките“ и „Тексашки масакр со моторна пила“, овие сцени би биле ужасно грозоморни. Впрочем, во сценариото на Хичкок пишувало: -Камерата го прикажува стомакот на девојката каде што гледаме река од крв“.

И тоа не било сѐ. Вили требало да има списанија за бодибилдинг залепени во неговата соба, за да сугерираат дека е хомосексуалец. Би имало и графичка голотија.

Ова не требало да биде типична продукција на Хичкок. Тој сакал да експериментира со непозната актерска екипа, рачни камери, природна светлина и различни локации за снимање - нешто со кое би покажал дека не бил „уморен“ или „расеан“.


Фото: Alamy


Пред неговото време?

За жал, директорите на „Ем-си-еј/Јуниверзал“ не го делеле неговиот ентузијазам. Хичкок отишол на состанок вооружен со фотографии, снимки и детална скрипта во која биле вклучени 450 специфични позиции на камерата. Но сето тоа било залудно.

- Накратко, тие го отфрлиле неговото сценарио и му рекле дека не можат да му дозволат да снима - вели Фаст.

Хичкок бил вознемирен.

- Тие го омаловажија неговиот обид да го направи она што го барале од него. Да се обиде да направи нешто поинакво - додава Фаст.

Доколку можел да го реализира, „Калеидоскоп“ би бил најдобриот негов филм.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура