X
 23.03.2025 Наука

Тајниот живот на поларните мечки: Прецизно следење на клучната фаза од нивниот развој

Истражувачите првпат комбинираа сателитски податоци од алките со специјализирани камери за да откријат една од најмистериозните и најважни фази во животот на поларните мечки - раѓањето и првото излегување на младенчињата од снежно засолниште што поларните мечки го копаат за да се породат и да ги заштитат младенчињата од студот.

Претходните истражувања покажаа дека должината на престојот на женките во овие засолништа влијае врз шансите за преживување на младенчињата. Но, зошто тие остануваат толку долго и што точно прават во тој период, сè уште не е доволно истражено. Досега, уредите за следење што научниците сè повеќе ги користат не беа тестирани според реалните набљудувања на мечките во нивната природна средина.

- Арктикот се загрева 2-4 пати побрзо од остатокот на светот, а луѓето сè повеќе навлегуваат во подрачја што се клучни за поларните мечки во периодот на нивниот престој во засолништата. Здравите младенчиња се неопходни за одржување на популацијата. Се обидуваме да развиеме подобри методи за следење и разбирање на нивното однесување за да можеме поефикасно да ги заштитиме - вели Луиз Арчер од Универзитетот во Торонто.

Живот во снежната тврдина


Престојот во засолништето започнува кога бремените женки копаат снежни засолништа каде што се породуваат. Поларните мечиња се многу ранливи, речиси како човечките бебиња, а засолништето им нуди заштита од студот додека не пораснат 20 пати повеќе во текот на само неколку месеци.

И покрај тоа што мајката губи речиси половина од својата телесна тежина, таа не заминува веднаш во лов откако ќе излезе од засолништето. Наместо тоа, заедно со младенчињата останува во близина уште неколку недели, постојано влегувајќи и излегувајќи од него.

Во минатото, научниците го проучувале овој период со двогледи, потоа со далечински управувани камери, а денес користат сателитски алки кои ги следат локацијата, активноста и температурата на околината.

Сепак, овие методи имаат ограничувања. Иако алките се корисни за долгорочно следење на движењата на мечките, повеќето од нив собираат податоци само на неколку часа и не се идеални за регистрирање пократки излегувања или посуптилни однесувања.

Првиот чекор кон надворешниот свет

Во најновото истражување, истражувачите шест години проучувале поларни мечки со помош на сателитски алки на 13 поларни мечки во регионот на Баренцовото Море. Во норвешкиот архипелаг Свалбард биле поставени камери покрај девет засолништа.

Истражувачите откриле дека процените за времетраењето на клучните фази во снежните засолништа може да варираат од неколку дена до повеќе од една недела, во зависност од тоа дали се користени само податоците од алките или од камерите.

Податоците покажуваат дека мечките речиси секогаш излегуваат од засолништето преку ден, во просек по 27 минути. Половина од времето мајките ги носат своите младенчиња, најчесто не подалеку од 40 метри од засолништето. Колку е потопло, толку почесто се гледаат надвор.

Ова укажува на тоа дека престојот околу засолништето служи за постепена аклиматизација на младенчињата на надворешниот свет. Други истражувања потврдуваат дека младенчињата што го напуштаат засолништето пребрзо имаат помали шанси за преживување.

Брза промена на Арктикот

Арктикот се менува со забрзано темпо. Намалувањето на мразот го менува живеалиштето на поларните мечки, а разбирањето на нивните навики е клучно за предвидување на идните промени.

- Сето ова ни помага подобро да разбереме што можеме да очекуваме во другите делови на Арктикот во иднина - вели Арчер, која неодамна го заврши истражувањето за врската помеѓу намалувањето на популацијата на поларни мечки и повлекувањето на морскиот мраз поради климатските промени.

Затоа научниците се посветени на развивање на оваа база на податоци и продолжуваат со набљудувањето на мечките во регионот за да можат подобро да ги заштитат во иднина.

Извор: Nauka.telegraf.rs
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука