X
 24.08.2019 Наша тема

Проф. Мирослав Пендароски, психолог: Верувајте им на своите соништа, дури и кога се лоши

Психолошки, сонот претставува секогаш, непобитно и несомнено, аспект на индивидуалната психологија, односно личноста на сонувачот

Што е сонот, како се создава, што ни кажува? Зошто некои луѓе почесто сонуваат лоши соништа или кошмари, а други ретко имаат вакви искуства. Сонот како појава долги години е поле на истражување на проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог и универзитетски професор. Тој вели дека да се зборува за сонот еднострано и да се дефинира праволиниски е еднакво како да одговорите на прашањето што е душата во една реченица.

- Сонот, како и многуте особено несвесни динамики на човековата психа, претставува феномен кој е толку комплексен колку што може да биде имaгинативна и неверојатна неговата приказна. Tешко е да се одговори на ова прашање. Сонот претставува серија/и од слики, осети и сензации за време на спиењето - сонот е најпсихолошкиот дел од спиењето. Во таа смисла спиењето е физиолошкиот и невролошкиот, а сонот психолошкиот аспект на оваа променета свесност или, според некои теории, инаква свесност од будноста – вели Пендароски.

Тој објаснува дека сонот е состојба на свеста и е од другата страна на континуумот со будноста. Во сонот физиологијата на организмот функционира на инакви, различни мозочни бранови, почнувајќи од алфа, па сè до делта мозочните бранови кои сукцесивно во текот на ноќта и спиењето се менуваат во одреден циркадијален ритам (биолошки ритам н.з.).

- Најинтересна е фазата наречена РЕМ-спиење, позната и како парадоксално спиење затоа што физиолошките и невролошките процеси на ниво на ЕЕГ се речиси идентични со будноста. Тоа доведува до заклучок дека нашата психа е активна за време на сонувањето, т.е. функционира и покрај фактот дека најважните делови од централниот нервен систем, особено високо когнитивните, не се во функција - вели Пендароски.

Многустран комплексен феномен

Психолошки, сонот претставува секогаш, непобитно и несомнено, аспект на индивидуалната психологија, односно личноста на сонувачот. За разлика од дамнешните времиња кога се верувало дека сонот претставува Божја порака, или мистична шифра произлезена од сили надвор од индивидуата, денес се знае дека сонот секогаш е поврзан со сонувачот. Тој зборува за важни нешта што се дел од животот на неговиот собитник - оној чиј производ е самиот сон. Досега не е докажано дали сонот е невролошки или психолошки производ, иако се верува дека тој е фантастична приказна која е супстрат и на психолошкото и на неврофизиолошкото во човекот.
son
Фото: Pixabay

- По долги истражувања на светот на соништата (психолошки и неврофизиолошки), заклучив дека се работи за многустран комплексен феномен кој се должи на прости електрични празнења во мозокот за време на спиењето и на психолошките искуства на сонувачот во будноста. Демистификацијата на сонот нè носи до портите на неговото разбирање, без разлика дали се согласуваме со Фројд (дека сонот е исполнувач на потиснати желби и потреби) или со невропсихолозите (дека соновите се производ на некаква електрична активност, бесмислена приказна која се создала врз основа на насобраните сеќавања и настани од будниот живот непосредно пред спиењето). Може да се каже дека личното значење на соништата го дава автентичниот одговор на секој сон. За мене се наметна една комплексна дефиниција дека сонот претставува креативна и фантастична невропсихолошка комбинација на вербални, визуелни и емоционални елементи, сплотени во понекогаш смислена, а понекогаш бесмислена креативна индивидуална приказна чие значење нè води кон смислата на сонот за самиот сонувач - вели Пендароски.

Од неврофизиолошки аспект, сонувањето е унифициран процес во текот на речиси сите фази на сонувањето, почнувајќи од лесниот сон (фаза 1) сè до длабокиот сон (фаза 4) и до РЕМ-спиењето. Пендароски вели дека е тешко да се каже дали соништата се исти кај децата и кај возрасните. Неврофизиолошкиот апарат еднакво реагира во поглед на процесите на ниво на централниот нервен систем.

- Она по што се разликуваат децата и возрасните, кое исто така не е целосно докажано во литературата, е дека психолошкиот аспект, т.е. соновите се разликуваат поради многу причини – искуството кое е на страната на возрасните, креативноста, која пак е на страната на децата бидејќи тие се само делумно рационални битија, па сè до сфаќањето на извештаите за сонуваното кај децата и возрасните - објаснува тој.

И од кошмарите се учи

На прашањето што се кошмари и како се создаваат, Пендароски објаснува дека кошмарните сонови, наречени и лоши соништа, претставуваат непријатни и тешки сонови кои можат и најчесто предизвикуваат емоционален одговор во личноста на сонувачот - најчесто во вид на страв или очај, терор, анксиозност, длабока тага, но и други тешки и непријатни емоции. Сепак, во научната литература за психологијата на соновите се прави разлика помеѓу лоши соништа (кога продолжуваме да спиеме), додека кај кошмарите се будиме. Пендароски вели дека истражувањата покажале дека лошите соништа не ја нарушуваат хомеостазата на општото емоционално расположение, т.е. на некој начин ја чуваат таа хомеостаза бранејќи ја од анксиозноста во текот на спиењето. Кошмарите, пак, ја нарушуваат таа хомеостаза и поради огромното неподносливо количество на анксиозност за време на спиењето, го будат човекот.

- Кошмарот може да содржи непријатни доживувања, визии на тешки и неподносливи сцени, терор, паника, па и физичка болка. По кошмар човекот не може да заспие одредено, најчесто кусо време по будењето, иако некои кошмарни соништа толку ја нарушуваат таа хомеостаза, што човекот не може воопшто да презаспие. И од секојдневието е познато дека по тешки кошмарни соништа луѓето уште долго по станувањето мислат на сонот, или се вознемирени, се чувствуваат недоволно разбудени или активни во текот на денот - вели Пендароски.

сон
Професор Мирослав Пендароски

Кошмарите што се повторуваат (т.н. серии од кошмари) може да го нарушат метаболизмот бидејќи влијаат врз вегетативниот нервен систем, што повратно дејствува како добра подлога за сонување кошмари. Тој маѓепсан круг, особено кај повторливите кошмари кои можат да предизвикаат и инсомнија, честопати бара сериозна психотераписка и невропсихолошка помош од стручни лица. Самите чести будења кај луѓето што имаат кошмари предизвикуваат и специфична фобија од заспивање - се плашат да заспијат бидејќи очекуваат нов кошмар. Некои луѓе со години и децении повторливо сонуваат едно исто сценарио, понекогаш и изненадувачки еквивалентно на стариот сон, а понекогаш со мали промени во сценариото, но со истата тема, исти ликови и исто значење. Според класификацијата на третата едиција за нарушување во спиењето, кошмарите може да се идиопатски, т.е. да не се поврзани со друго психичко нарушување или, пак, да се производ на други нарушувања (анксиозност, фобија, зависности, психичка болест и друго).

- Од сè во животот се учи, па така и од кошмарните и тешки соништа. Зашто животот не е мед и млеко, како што и соништата не се секогаш пријатни, исполнувачки, пророчки и големи. Како и сè во нашето суштествување, така и соновите се дел од тоа што сме ние, колку да го знаеме или да не го знаеме тоа. Токму затоа, верувајте им на своите соништа дури и кога се лоши, оти сите тие носат голема порака за нас која најчесто е важна, исполнувачка и смислоформативна! Фројд убаво рекол – неодгатнатиот сон е како непрочитано писмо... којзнае што има(ло) во него... – вели Пендароски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема