X
 25.07.2021 Наша тема

Дигиталните простори станаа „нужно зло“ за уметноста

Улогата на уметноста и уметникот е иста, т.е. таа е непроменета, само медиумите и алатките неминовно се менуваат низ годините. Интернетот, а особено социјалните мрежи што ги користат милиони луѓе низ светот се значајна алатка за промоција на уметноста, современите трендови се наметнуваат на секое поле, па и на полето на уметноста

Достапноста до интернет за голем број луѓе во светот и сè поголемата достапност на компјутерите, паметните телефони и таблети со текот на годините создадоа нов вид зависност на уметност, која сè повеќе почнува да живее на социјалните мрежи, форумите и на мрежните заедници. Голем број уметници во светот се стремат кон тоа нивната работа и дела да бидат забележани и валоризирани од уметничката заедница, критичарите, како и од пошироката јавност. Последниве години, пред сè, благодарение на интернетот, но и на комплетно новиот начин на работа и соработка во глобалната уметничка заедница, се случи вистинска експлозија на креативност, нови уметнички дела и нови содржини. Добрата страна на интернетот е што уметноста стигнува до многу поширок круг на публика. Бидејќи има поголеми шанси да биде видена, но и да биде валоризирана. Пандемијата уште повеќе ја потенцира таквата поврзаност.

- Во пандемските ограничувања што ги живееме повеќе од една година, дигиталните простори станаа нужно зло, неминовен начин на комуникација, креација, функционирање, но сепак на некој начин станаа и витални средства за уметничка промоција, иако на хибриден, неприроден начин, затоа што, иако се загуби човечкиот контакт и уметничка размена меѓу поети, писатели и преведувачи на разни поетски фестивали, патувањата исчезнаа, се смени обликот на интеракција, дури сега имаме и онлајн-театар, онлајн-современ танц, онлајн-концерти итн., тие сепак дозволија некаква хумана димензија на творештво и естетски транспорт во времиња на изолација од секаков тип, дури и своевидна виртуелна уметничка коегзистенција, можност да се чуе нечиј поетски глас, да се прочита или доживее нешто што инаку не би било можно поради секакви материјални ограничувања - вели Наташа Сарџоска, поетеса.


Наташа Сарџоска

Според неа, интересно е што дигитализацијата во уметноста им овозможи на многу маргинални или периферни, пред сѐ, во географска смисла на зборот, уметници, писатели, поети, да ги искажат и пренесат своите уметнички творби.

- Особено внесе пресврт и промена на изразот на поетите. Но ова беше, пред сѐ, можно поради посебноста на поетската уметност, која е метафизичка, но која во голем дел игра со јазикот, со ритамот, со метафората, па оттаму и дигиталните поетски читања и фестивали зачестија и станаа необичен, речиси виртуелно-театрален простор за промоција на поетската уметност и тоа пред многу побројна публика, можеби, за разлика од претходните околности. На пример, како поетеса гостував на меѓународниот фестивал во Меделин, Колумбија, и двочасовното читање поезија и разговор го следеа илјадници луѓе низ светот токму благодарение на дигиталните платформи. Од тоа гостување потоа се создадоа соработки со Хондурас, Венецуела, Мексико. Во таа смисла, за мене како поетеса, новите дигитални методи на поетска промоција, иако не сум нивен голем обожавател, ми овозможија поголема читаност и поголемо присуство на светската поетска мапа - објаснува Сарџоска.

За Маја Георгиевска-Глигорова, новинарка од областа на културата, која пишува за порталот „Дивианартс“, улогата на уметноста и уметникот е иста, т.е. таа е непроменета, само медиумите и алатките неминовно се менуваат низ годините.


Маја Георгиевска-Глигорова

- Интернетот, а особено социјалните мрежи кои ги користат милиони луѓе во светот се значајна алатка за промоција на уметноста, современите трендови се наметнуваат на секое поле, па и на полето на уметноста. Друштвените мрежи се „игра“ во која уметниците мора да се впуштат и со непосредна и директна комуникација со своите консументи и публика да ја претстават својата работа. Условите се менуваат со молскавична брзина и затоа е потребна приспособливост и секојдневно учење за да може да се фати чекор со светските трендови - вели Георгиевска-Глигорова.

Уметницата Симонида Филипова-Китановска, пак, од неодамна почна да одржува и виртуелни демо-презентации, низ кои може да се долови суштината на акварелната техника.

- Навистина уживам додека ги работам овие презентации на мојата техника во живо на интернет. Возбудливо е кога работиш нешто очигледно корисно што побудува љубопитност кај неколку илјади гледачи од различни краишта на светот, честопати во доцни или рани часови по нивното време (понекогаш и по мое!). Подоцна следуваат нивните коментари, кои често се објавуваат и за време на презентацијата, од кои јасно се чувствуваат нивната возбуда, благодарност, интерес. Овие настапи секогаш се извонредно организирани од организатори со искуство, со длабоко познавање на едукативниот карактер на уметноста и, секако, поддржани од компетентен технички тим задолжен за реализација на целиот настан. Подготовките и објавувањето на настапот се вршат неколку месеци однапред - вели Филипова-Китановска.


Симонида Филипова-Китановска

Интернетот и промоцијата на уметноста

Познатиот музеј „Лувр“ во Париз, честопати сметан за најважна уметничка колекција во светот, уште пред една деценија ја сфати важноста на интернетот и глобалната заедница во промоцијата на уметноста. Така, тие најпрво ги презентираа своите колекции на својата веб-страница, со описи и историски податоци за секој уметник, а денес е можно да се „зачекори“ и во самиот музеј. Користејќи АР-уреди, корисниците можат да го видат целиот музеј во 3Д, исто како да се физички во самиот простор на галеријата.

Самиот музеј е поделен на три дела, а секој од нив има четири ката. „Денон“ е најпопуларен, и во реалниот и во виртуелниот свет, и ги содржи најпознатите дела, вклучувајќи ја и „Мона Лиза“. Ова ремек-дело на Леонардо да Винчи може да се разгледа одблизу и со висока резолуција - нешто што не е можно во реалниот свет.

Во последната година, глобалната пандемија „принуди“ многу светски музеи и галерии да ги сменат своите планови, но и начинот на комуникација со јавноста и посетителите. Така, речиси секој познат музеј денес нуди виртуелни тури, или на својата веб-страница или преку некои од социјалните мрежи. Интернет-гигантот „Гугл“ преку својата програма „Уметност и култура“ овозможува бесплатно да го посетите Националниот музеј на уметност во Сеул или Националната галерија во Вашингтон. Познатиот германски музеј „Пергамон“ во Берлин е, исто така, присутен на оваа платформа. Ако сте љубител на археологијата, Националниот музеј за антропологија од Мексико нуди патување преку интернет низ неговите 23 изложбени простори, кои ги содржат некои од најретките артефакти, како и целосната историја на поранешната цивилизација на Маите.
Вљубениците во уметноста и културата можат да уживаат во светските културни и цивилизациски придобивки и современи уметнички текови, затоа што тука може да ги видат: Каменот на Розета или египетските мумии во Британскиот музеј, ремек-делата од импресионизмот и постимпресионизмот во њујоршки „Гугенхајм“, француските уметници во музејот „Д’Орсеј“ во Париз, „Портата на Иштар“ во најголемиот германски музеј „Пергамон“ во Берлин, уметничките дела од златната ера во Холандија, огромната колекција на музејот „Пол Гети“ во Лос Анџелес, археолошките артефакти од периодот на Маите во Националниот музеј за антропологија во Мексико Сити... Понудата особено се збогати по затворањето на музеите за време на пандемијата, кога почнаа да се овозможуваат бесплатни онлајн-прошетки низ овие простори, па „Гугл артс енд калчр“, во соработка со повеќе од 2.500 музеи и галерии низ светот, поради новонастанатата ситуација, ги отвори своите врати и за виртуелни тури и онлајн-изложби.

Најпознатите онлајн-заедници на уметници и музичари

Иако Фејсбук, Инстаграм и Твитер се секако најпопуларните и најкористените социјални мрежи, тие сепак се од „општ тип“, без посебен фокус на каква било активност на неговите корисници. Затоа со текот на годините се создадоа специјални мрежи за уметници и музичари.
„Девиант арт“ е секако најпопуларната онлајн-заедница за уметници од сите профили. Лансирана во 2000 година, оваа заедница е организирана во форма на категории - традиционална уметност, дигитална уметност, фотографија, кратки видеа... Во моментов има над 330 милиони различни дела и околу 35 милиони корисници од речиси сите земји во светот. Корисниците можат, слично како на социјалните мрежи, да коментираат дела на други уметници, а секој од корисниците има своја галерија и страница. Исто така, „Девиант арт“ сега поддржува директно споделување на слики и содржини на други социјални мрежи.
„Бенд лаб“ е слична онлајн-заедница, но наменета за музичари, што ви овозможува да креирате и споделувате оригинална музика. Таа вклучува и „виртуелно студио“, односно софтвер за снимање и обработка на музички и звучни записи. Исто така, корисниците можат да создаваат виртуелни албуми со поставување на нивната музика, снимена во студиото или креирана на компјутер во некој од софтверите. „Бенд лаб“ забележа огромен пораст на бројот на корисници во последните неколку години, а нова музика објавуваат и познати продуценти и диџеј-артисти.

Фото: Приватни архиви
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема