X
 27.11.2018 Култура

Фреди Меркјури би се засрамил кога би го гледал филмот „Боемска рапсодија“

Филмот „Боемска рапсодија“ за фронтменот на бендот „Квин“, Фреди Меркјури, за самиот музичар веројатно би бил поголем срам отколку чест - тврди во својот текст истражувачот Селим Рауер.

Овој истражувач од Универзитетот во Минесота е автор на книгата „Фреди Меркјури“, објавена пред 10 години, а според неговото уверување, врз основа на сведоштва од пријатели и современици, актуелниот филм го фалсификува животот на починатата рокенрол-икона и одговара само на визијата и желбите на другите членови на бендот.

- Кога пред 10 години интервјуирав близок пријател на Фреди Меркјури, во еден момент му заѕвони телефонот. Го бараше некој од „Квин продакшнс“, компанија што контролира сѐ што има врска со овој бенд. Не им се допадна што некој работи на проект што тие не го одобриле. За среќа, мојот соговорник ги игнорираше, па го продолживме разговорот - вака Рауер ја започнува својата приказна објавена два дена пред 27-годишнината од смртта на Фреди, и во екот на популарноста на филмот што наводно е снимен во чест на една од најхаризматичните музички икони на 20 век.

fredi

Но, Рауер смета дека со филмот добивме депримирачки доказ како и колку останатите членови од бендот го контролираат непроценливото наследство на починатиот пејач.

- Групата „Квин“ престана да постои по смртта на фронтменот, но „Квин продакшнс“ продолжува да постои како некое корпоративно зомби. Брајан Сингер не ги исполнува ниту минималните фактички и етички критериуми - наведува Рауер, објаснувајќи ги историските и биографските недоследности во филмот затоа што продуцентите на филмот се и самите членови - гитаристот Брајан Меј и тапанарот Роџер Тејлор. За нив, повеќе одговарало наследството на Фреди да го земат од субјективна перспектива отколку објективно да се презентира реалноста.

Од многубројните неточности во филмот, Рауер наведува само некои - на пример, концертот во Рио на кој биле 300.000 луѓе е префрлен од 1985 во 1977 година, а датумот кога излегла песната „We Will Rock You“ доцни пет години од реалните случувања.

- Овие промени не би биле проблематични ако послужеа за благородна уметничка цел. Но, тука не беше таков случајот бидејќи служеа за латентно хомофобична драматургија. Меркјури е речиси засрамен од неговата хомосексуалност. Тој често е портретиран како меланхолик и чуден, што е целосна спротивност на личноста на која се сеќаваат неговите блиски пријатели, па и публиката. Вистинскиот Фреди беше бескомпромисен, со неверојатна смисла за хумор и самоиронија - вели Рауер.

Фреди во филмот е осакатен со каењето бидејќи признал дека е геј и бидејќи морал да ја сруши фасадата на хетеросексуалниот живот што дотогаш ја сервирал за јавноста, со Мери Остин, жената која често ја нарекувал љубовта на неговиот живот.

- Музичкото патување и освојување на светот од страна на групата „Квин“ стана роб на хетеронормативна визија блиска со останатите членови од бендот - додава тој.

Фреди во филмот изгледа како некој што бара прошка за она што е. Филмскиот Фреди сака мажи, исто како и вистинскиот Фреди, но правејќи го тоа, тој „греши“. Неговата хомосексуалност го тера да прави погрешни избори, осудувајќи ја сопствената душа и потпаѓајќи под лошо влијание. Наскоро го гледаме како слаба личност што паднала во геј-подземјето на Лондон, Њујорк, Минхен, „заработувајќи“ го таканаречениот „геј-рак“, вирус кој го убил, заедно со уште 30 милиони луѓе. Дрога, алкохол, деструктивно однесување - како сето тоа да се припишува на неговите обиди да си прости себеси што е хомосексуалец.

Показател за ова е и фактот дека филмот ги брише сите луѓе што му станале негово второ семејство во тој период.

Но, фалсификувањето на реалноста не завршува тука. Овој филм го претставува Меркјури како единствен член кој се дистанцирал од бендот и станал предавник поради соло-договорот од 3 милиони долари со Си-би-ес. Никаде не се споменува фактот дека соло-албуми пред него имале и Тејлор (во 1981 година) и Меј (во 1983 година).

- Најпроблематичната лага во филмот е признанието на Фреди дека е болен, што е сместено во случувањата околу концертот „Лајв Ејд“ во 1985 година, иако е познато дека ХИВ-тестот првпат бил направен во 1987 година.

Не само што филмот не дава никакво признание за генијалниот рокер, туку Тејлор и Меј забија нож во сеќавањето за него, ставајќи сол на раната на сите што го познаваа и сакаа Фреди и кои беа сведоци на неговите последни месеци - месеци во кои трпел медиумски линч поради својата хомосексуалност и својата болест.

Но, во време во кое е важна бројката во киноблагајните, кого го интересира вистината?
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура