X
 04.05.2025 Култура

„Приказната на слугинката“ - моќна серија што стана симбол на отпорот

„Приказната на слугинката“ („The Handmaid's Tale“) е американска дистописка телевизиска серија. Базирана на истоимениот роман на Маргарет Атвуд од 1985 година, серијата стекна светска слава благодарение на моќната приказна, извонредната глума и актуелните теми што ги обработува. Со шест сезони, од кои најновата започна со емитување на 8 април 2025 година, „Приказната на слугинката“ остави длабока трага во популарната култура.

Содржина на серијата


Дејството е сместено во дистописка иднина каде што плодноста кај жените драстично е опадната поради сексуално преносливи болести и еколошки катастрофи. Во таа реалност, тоталитарната влада на Гилеад, воспоставена по Втората американска граѓанска војна, воведува строга хиерархија базирана на теократски принципи. Жените се целосно потчинети и сведени на ограничени улоги: немаат право да поседуваат имот, немаат право да имаат кариера, не смеат да управуваат со финансии или да читаат и пишуваат, освен таканаречените „тетки“ кои ги надгледуваат другите жени.

Плодните жени, наречени „слугинки“, се принудени на репродуктивно ропство, а тие најчесто се прељубнички, самохрани мајки, лезбијки, некрстени или дисидентки кои им се доделуваат на елитните брачни парови за да раѓаат деца преку ритуализирано силување извршено од „командантите“.

Приказната го следи животот на Џун Озборн, преименувана во Офред, слугинка во домот на командантот Фред Вотерфорд и неговата сопруга Серена Џој - клучни фигури во воспоставувањето на режимот на Гилеад. Џун е заробена при обидот за бегство со својот сопруг Лук и ќерката Хана. Низ серијата таа се бори за повторно обединување со семејството, градејќи ја својата внатрешна сила додека се соочува со бруталноста на системот.

Реакции и критики


„Приказната на слугинката“ доби големо признание и од критичарите и од публиката, особено за првата сезона, која освои осум награди „Еми“ од вкупно 13 номинации, вклучувајќи ја наградата за најдобра драмска серија. Тоа беше првата продукција на стриминг-платформата „Хулу“ што освои голема телевизиска награда, како и првата стриминг-серија што ја доби наградата „Еми“ за најдобра серија.

Серијата има просечна оцена од 84 отсто на „Ротен томејтос“ и 81/100 на „Метакритик“. Критичарите особено ги пофалија актерските изведби, пред сè, на Елизабет Мос, како и кинематографијата и режијата. Сепак, подоцнежните сезони беа критикувани поради прекумерното прикажување насилство, повторувањето на дејствието, тешката атмосфера и недостигот на енергија што беше препознатлива во првата и втората сезона.



Контроверзии


Серијата предизвика големи општествени и политички дебати поради своите алузии на современи настани. Често беше споредувана со политичките случувања за време на администрацијата на Доналд Трамп, со практиките на „Исламската држава“ (како фрлањето хомосексуалци од покриви) и со политиките на христијанските деконструкционисти кои се залагаат за исклучување на жените од работната сила. Овие паралели доведоа до поделени реакции, па некои ја гледаа серијата како силно предупредување, додека други сметаа дека споредбите се претерани.

Црвените облеки и белите капи на слугинките станаа глобален симбол на протест за женските права, појавувајќи се на демонстрации низ целиот свет.

Последна сезона

На 8 септември 2022 година „Хулу“ објави дека серијата ќе биде обновена со шестата и последна сезона. Снимањето беше одложено поради штрајковите на американските сценаристи и актери, но конечно беше завршено на почетокот на февруари 2025 година. Последната сезона има десет епизоди и започна со емитување на 8 април.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура