X
 13.07.2021 Здравје

Дијабетесот и високите температури: Еве на што треба да се внимава

Високите температури и влагата може да ви влијаат доколку сте дијабетичар. Метаболизмот е побрз на топло и влажно време, што може да доведе до зголемени шанси за хипогликемија бидејќи може да се зголеми апсорпцијата на инсулин, пишува „Еклиника“.

Хипогликемијата е потешка за дијагностицирање на топлото време бидејќи потењето и уморот може да бидат симптоми на хипогликемија, а не само на топлината. Бидете особено внимателни доколку возите и проверете го шеќерот во крвта пред и по секое возење и правете редовни паузи за проверка доколку патувате подолг период.

Може да се спречи хипергликемија во летните месеци доколку почесто се проверува гликозата во крвта, особено доколку имате физички активности. Добро е при рака секогаш да имате јаглехидрати, како таблети со гликоза или слатки пијалаци.


Фото: Pixabay

Кои се симптомите за исцрпеност од топлина?

Луѓето со дијабетес имаат поголем ризик за исцрпеност во летните денови. Тоа може да се случи доколку многу се загреете и изгубите многу вода и сол од организмот. Симптоми за исцрпеност од топлина се почесто потење од обично, вртоглавица, грчеви во мускулите, главоболка, забрзана работа на срцето и мачнина.

Како влијае топлината врз дијабетесот?

Важно е да бидете свесни, без разлика каков тип дијабетес имате, дека вие ја чувствувате топлината посилно и на поинаков начин од оние без дијабетес. Високите температури влијаат врз нивото на гликоза во крвта, а во комбинација со умерена или голема физичка активност може да дојде до силно потење и дехидратација.

Една од компликациите кај дијабетесот е и оштетувањето на крвните садови и на нервите, па и потните жлезди, така што телото не може да се лади ефикасно како порано. Тоа може да доведе до исцрпеност или топлотен удар.


Фото: Pixabay

Луѓето со дијабетес дехидрираат побрзо на високи температури бидејќи внесувањето повеќе течности може да ја зголеми гликозата во крвта, а тоа доведува до почесто мокрење. Освен тоа, високите температури може да го сменат начинот на кој вашето тело го користи инсулинот. Дури и кога надвор не изгледа дека е топло, комбинацијата од топлина и влага во воздухот може да биде опасна бидејќи е потешко да се излади телото при поголема влажност.

Совети за дијабетичарите

Пијте многу вода, дури и кога не сте жедни, за да не дехидрирате. Се советува одбегнување алкохол и пијалаци со кофеин, кои може да го зголемат нивото на гликоза во крвта. Редовно проверувајте го нивото на гликоза во крвта доколку сте активни, а консултирајте се со лекар доколку мислите дека треба да ја промените дозата на инсулин.

Носете соодветна облека и користете крем за сончање и капа кога сте надвор. На високи температури, користете климатизер за да се разладите.

Извор: EKlinika
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје