Иако сите сме свесни дека голем број апликации што ги користиме го следат секој наш потег, благодарение на промените што ги воведе „Епл“ во својата „Еп-стор“, сега ни е многу појасно како и колку нè следи.
Со воведувањето на опцијата „Приватност на апликацијата“, сите апликации што им се достапни на корисниците на „Епл“ мора да ги наведат сите податоци што ги користат за следење и за што се користат тие податоци - на пример, за рекламирање, анализи, персонализација на производи, функционалност на апликациите итн.
Врз основа на овие податоци, компанијата „пиКлауд“ ги истражувала апликациите и нивната приватност и објави список со најинвазивни апликации, односно оние што споделуваат најмногу собрани лични податоци за трети страни. Веројатно нема да бидете изненадени од фактот дека двете апликации што собираат најмногу податоци се „Инстаграм“ и „Фејсбук“.
„Инстаграм“ споделува дури 79 отсто од информациите за личните податоци на корисниците, а списокот со податоци што се собираат, користат и споделуваат е навистина голем. Покрај личните информации, е-поштата, телефонскиот број и уредот, оваа листа вклучува историја на купувања, финансиски информации, локации, телефонски броеви, фотографии и видеа, историја на пребарувања и други информации.
Во споредба со „Инстаграм“,
„Фејсбук“ не изгледа толку лошо и споделува „само“ 57 отсто од корисничките податоци со трети страни.
Меѓу првите 10 апликации што собираат најмногу податоци и ги споделуваат со трети лица има и неколку доста популарни. Така, меѓу нив се и „Јутјуб“ и „Јутјуб мјузик“ (двете апликации споделуваат 43 отсто од податоците) и „Линкдин“, а првите десет места завршуваат со „Деливеро“, „Дуолинго“ и „Ибеј“.
Од попознатите апликации треба да се спомене и „Тик-ток“, која се најде на 11. место (36 отсто од податоците), а „Снепчет“ и „Спотифај“ споделуваат 29 отсто од собраните податоци.
Што се однесува до најбезбедните апликации, односно оние што воопшто не споделуваат кориснички податоци со трети лица, наведени се голем број познати апликации како „Нетфликс“, „Мајкрософт тимс“, „Скајп“, „Сигнал“, „Телеграм“, „Зум“ и други.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Freepik