X
 03.02.2022 Наша тема

Нема успех без соодветен професор или ментор, вели Матеј Милосиевски - добитник на признанието „Млад талент“

Би рекол дека мојата најсилна страна е самодисциплината. Никогаш во животот нема да имаме време да постигнеме сè што сме наумиле. Мислам дека ние, младите, имаме бесконечен потенцијал. Разликата е во тоа колку и за кои цели ќе го искористиме, вели средношколецот Матеј Милосиевски

Матеј Милосиевски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“, неодамна го доби признанието „Успешни млади - Млад талент“, кое им се доделува на ученици и ученички од средните училишта од страна на претседателот на Македонија, проект инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава. Целта е креирање политики кои ќе придонесат да се намали одливот на млади луѓе од нашата земја, како и создавање перспективи за младите и успешни кадри.

Матеј изучувал графички дизајн, има богато искуство стекнато од стажирање и како студентски практикант во Англија и во Франција. Волонтира во УНИЦЕФ, има освоено многу награди во разни области, а пред две години ја доби наградата „13 Ноември“ за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности.
Го интересира астронаутика и астронаутско инженерство. За наградата и за тоа со какви таленти располага, Матеј за Факултети.мк вели: Иако признанието е насловено „Најдобар млад талент“, јас никогаш не би се издвоил себеси како талентиран. Едноставно би сакал да кажам дека посветувам навистина многу време и труд во тоа што го правам. Изминатите две години имав можност да учествувам на голем број натпревари, настани и манифестации и мислам дека искуството што го имам стекнато од сите нив е разликата помеѓу мене и голем број други млади таленти.



Иако имате 17 години, Вашето сиви е богато со квалификации и искуства...

- Уверен сум дека почетокот на пандемијата беше тежок за сите нас. Јас секогаш се обидувам да гледам на позитивната страна на нештата. Фактот дека наставата беше скратена и се изведуваше онлајн, за мене значеше дека би можел да посветам повеќе време на воннаставни активности. Токму затоа имав можност да аплицирам на меѓународни натпревари како: ASEF во Албанија; FISSION во Бугарија; VILIPO во Литванија; INOFAIR, UNIPO и Genius Olympiad во САД; EUROINVENT во Романија; iCAN во Канада; INOVA во Хрватска; DreamECO во Украина; IAYSF и WISPO во Индонезија и др. Иако поголемиот број од овие меѓународни натпревари се одржаа онлајн поради рестрикциите, морам да признам дека сите одговорни координатори и спонзори од овие натпревари дадоа натчовечки напори за да се подобри искуството за нас, натпреварувачите, на овие повеќедневни настани.
Во изминатите години, исто така, почнав да волонтирам во повеќе организации, меѓу кои и УНИЦЕФ. Волонтирањето во УНИЦЕФ е една од најдобрите одлуки што ги имам донесено. Многу сум им благодарен на сите координатори и волонтери за сите проекти и настани што ги имаме организирано и спроведено заедно.



Кои се Вашите најсилни страни? За што имате најголем потенцијал?


- Би рекол дека мојата најсилна страна е самодисциплината. Никогаш во животот нема да имаме време да постигнеме сè што сме наумиле, впрочем, еден ден трае 24 часа и никој нема да го смени тоа. Затоа многупати во животот ќе бидеме ставени во ситуации каде што ќе треба да избереме една од две или повеќе работи. Со други зборови, ќе треба да се откажеме од нешто, а со цел да постигнеме нешто друго. Низ годините сум бил ставен во многу вакви ситуации и благодарение на мојата самодисциплина, успеав да ги постигнам сите успеси.
Во однос на мојот потенцијал, не би издвоил нешто конкретно. Мислам дека ние, младите, имаме бесконечен потенцијал. Разликата е во тоа колку и за кои цели ќе го искористиме.

Како почнавте да се издвојувате од врсниците? Кој ја откри Вашата натпросечност?

- Моите родители отсекогаш ме поддржувале. Уште од мал почнав да вежбам математика заедно со мајка ми, всушност, така и почнав да одам на натпревари по математика и физика во основно училиште. Во деветто одделение имав можност да учествувам на „Предизвик за млади истражувачи“ и така уочив дека работата на проекти ме исполнува повеќе од „класичните“ натпревари. Подоцна, во средно училиште продолжив со аплицирање на проектни олимпијади. Една личност која би сакал да ја издвојам во однос на ова е мојот ментор, професорката Сабире Алкин, која уште од прва година постојано ме насочува во однос на овие проектни олимпијади и натпревари.



Како наставниците и професорите Ве мотивираат, соработуваат со Вас... Колку се тие важни за Вашиот досегашен успех?

- Мислам дека би било фер да се каже дека ниеден ученик во светот не би бил успешен без соодветен професор или ментор кој го поддржува и постојано соработува со него. Според мене, професорите не добиваат доволна заслуга за времето што ни го посветуваат нам, на учениците, независно дали е тоа за време на наставата и/или по завршувањето. Гледајќи наназад, не би можел да речам дека некогаш сум имал „лош“ професор. Сепак, морам да признам дека откако се запишав во ПСУ „Јахја Кемал“, успеав да согледам колку многу се разликува односот на професорите во споредба со едно државно училиште. Сите професори се спремни да одвојат голем дел од своето приватно време за соработка со нас, учениците, нешто што не беше честа појава кога учев во основно.
Еден од професорите што секојдневно ме мотивираат да бидам подобра верзија од себеси е мојот професор по физика Станиша Велковиќ. Би ми требале многу повеќе од неколку реда за да кажам зошто тој ми е голема инспирација во животот. Накратко би кажал дека тој е една прекрасна личност што си ја почитува и ја сака својата професија.
Сепак, сите мои досегашни и тековни професори и ментори играле и играат важна улога во мојот досегашен успех. За ова ќе им бидам вечно благодарен.

Вашето име е дел од повеќе иновативни проекти. Кои области се Ваш интерес? Еколошки теми, НАСА-проекти... Што најмногу Ве предизвикува?

- Како мал пораснав гледајќи документарни емисии на „Нешнел џиографик“ и „Дискавери ченл“ на теми поврзани со вселената, ѕвездите, историјата на астронаутиката и друго. Мислам дека и оттука произлезе мојот интерес за астронаутика и желбата еден ден да работам нешто поврзано со оваа специфична област. Во 2020 имав можност да учествувам на „Nasa Space App Challenge“ заедно со моите пријатели и соученици Андреја Поповиќ, Тео Китановски и Орхан Багашов. „Nasa Space App Challenge“ е тридневен хакатон на кој тимови од целиот свет аплицираат со своите идеи за подобрување на светот на астронаутиката. Аплициравме спонтано и немавме некои големи амбиции на самиот почеток. Откако победивме на локалната рунда, сфативме дека имаме проект кој би можел да постигне добри резултати и во меѓународна конкуренција. На крај бевме избрани за еден од најдобрите 16 проекти во светот од околу 26.000 пријавени и, за жал, не бевме меѓу првите 6, кои добија финансиски средства за понатамошно развивање на сопствениот проект. Сепак, ова беше едно убаво искуство за сите нас и верувам дека во иднина повторно ќе учествуваме на овој глобален натпревар.



Имате освоено повеќе награди. Што е Ваше најголемо достигнување досега?


- Од аспект на меѓународни натпревари и признанија, би го издвоил мојот успех на iCAN 2020 и EUROINVENT 2021. Во 2020 го добив признанието „Најдобар млад иноватор“ на iCAN 2020, меѓународен натпревар на кој учествуваа над 600 проекти од 61 земја. Во 2021 имав значителни успеси со мојот пријател Андреја Поповиќ со нашиот нов проект. Бевме добитници на „Специјална награда“ на EUROINVENT 2021, меѓународен натпревар со повеќе од 500 проекти од 32 различни земји.
Од аспект на државни натпревари и признанија, очигледниот одговор би бил наградата „13 Ноември“, која ми беше доделена во 2020 година, како и признанието „Успешни млади – Mлад талент“, кое неодамна ми беше доделено.
Воедно сум благодарен и горд за сите од горенаведените награди и признанија, но едно достигнување што секогаш ќе има свое место во моето срце е успехот што го имавме на „Nasa Space App Challenge“.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема