X
 03.12.2021 Наша тема

Без сензационализам при известување за деца и млади, апелира Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ

Да се користат фотографии, изјави и видеозаписи од деца и млади во позитивен контекст со обезбедување претходна согласност од родител/старател/институција-старател. Медиумите имаат клучна одговорност да промовираат почитување на различностите и култура на некршење на детските права, а ова би имало долгорочен позитивен ефект врз општеството како целина, вели Тунева

Социјалните медиуми донесоа брза двонасочна комуникација која придонесе за зближување на луѓето и младите преку Фејсбук, Твитер, Инстаграм, но истовремено донесе и многу постови кои содржат говор на омраза, навредливи зборови, видеа со недолична содржина и многу други нешта. Деновиве во насока на подобрување на информирањето за младите беа промовирани Препораки за етичко известување за млади и деца од страна на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ). Ова беше повод да разговараме со Марина Тунева, извршна директорка и експерт за односи со јавност, која за Факултети.мк истакна дека професионалното новинарство има голема улога во подобрувањето на квалитетот на известувањето за човековите права и правата на децата и младите.
Советот за етика во медиумите, заедно со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, по подготовката на Препораките организира настан за нивно јавно претставување. Дел од настанот беше и јавната седница на Комисијата за жалби при СЕММ, тело надлежно за разгледување на претставките од јавноста за случаите на непрофесионално и неетичко известување. Важно е директно и непосредно да се разговара со граѓаните и да бидат запознаени како да реагираат во случај ако наидат на содржини во чиј квалитет и точност се сомневаат.

Кои се препораките за етичко известување за млади и деца?


- Пред сѐ, основно е да се почитуваат и зачуваат честа, угледот и достоинството на децата и младите, како и да се застапуваат и унапредуваат нивните права и интереси во сите околности. Особено е важно да не се врши дискриминација врз децата и младите по ниту една основа (пол, род, етничка припадност, возраст, верска припадност, образование, физички способности итн.), како и да не се поттикнува стереотипизација и сензационализам при известувањето поврзано со деца и млади под 18 години, и да се почитува нивното право на приватност.

Важно е и да се овозможи соодветна примена на правото на децата и младите да ги искажат своите гледишта, во согласност со нивната возраст и зрелост и тие да бидат земени предвид при новинарското известување. Да им се обезбеди право на пристап до медиумите и медиумските содржини на децата и младите, секогаш кога тоа е возможно, за да го изразат своето мислење, без какво било влијание, со што би се избегнало маргинализирање на темите поврзани со децата и младите во секојдневното известување.
Истовремено, потребно е да се афирмира уредувачка политика кај медиумите која ги става во преден план потребите и најдобрите интереси на децата и младите, како и континуирано и конзистентно да се следат информациите и настаните поврзани со деца и млади, со нагласена едукативно-превентивна улога на медиумите;

Многу е важно да се воспостават механизми за заштита на децата и младите од медиумско известување кое се заснова на дезинформации, политичка пропаганда и агитација, економска манипулација, порнографски содржини, религиозен фанатизам и сл. Воедно, потребно е да се обезбеди заштита на приватноста на децата и младите преку сите неопходни технички мерки (замаглување на лик, неоткривање на идентитет, промена на глас итн.) особено кога за нив се известува дека се сторители, жртви и/или сведоци, извори на информации;

Да се користат фотографии, изјави и видеозаписи од деца и млади во позитивен контекст со обезбедување претходна согласност од родител/старател/институција-старател. Истовремено, медиумот да го задржи правото да не ја објави информацијата доколку процени дека со тоа ќе се направи поголема штета врз детето, односно малолетникот, и/или ќе биде изложено на ризик и покрај претходно добиената согласност и да се почитува уставното начело на пресумцијата на невиност кај децата и младите;


Марина Тунева

Што забележувате во известувањето на медиумите кога станува збор за деца и млади?

- До Советот за етика во медиумите граѓаните реагирале на случаи кога не е заштитен идентитетот на малолетните лица во медиумското известување, но реагирале и за сензационалистичко информирање и недоволно претставување на интересите и потребите на децата и младите.
Зборовите и сликите се најсилното оружје во рацете на новинарите, но тие може да создадат и штета, особено доколку не се користат соодветно. Кога информираат, новинарите треба да си го постават прашањето дали можеби со своите содржини го навредуваат достоинството на малолетните лица и младите. Дали се убедени дека со откривањето на идентитетот на децата нема да им нанесат штети, без разлика на претходно добиената согласност од родителите или старателите? Медиумите имаат клучна одговорност да промовираат почитување на различностите и култура на некршење на детските права, а ова би имало долгорочен позитивен ефект врз општеството како целина.

Во медиумите, особено социјалните, неретко се сретнуваме со различни видови говор на омраза, навреди, вулгарности, на кој начин може да се одбегнат или барем да се минимизираат?


- Овие појави се мошне штетни, особено за ранливите поединци, но има начини да се спротивставиме и тие мора да бидат разобличени. Колку повеќе ги разобличуваме, толку повеќе ја губат својата моќ. Најпрво, со тоа што ќе ги препознаеме и јавно ќе зборуваме за нив. И, секако, многу е важна едукацијата. Колку повеќе луѓето се едуцираат за овие прашања, толку повеќе ќе може да влијаат врз нивното спречување.
Граѓаните мора внимателно да ги консумираат информациите од медиумите, а особено од социјалните мрежи. Тие треба да го проверат тоа што е објавено, да видат од каде потекнува, кој е авторот, да проверат дали е компетентен да зборува за некоја тема, дали некој друг размислува поинаку, какви се неговите аргументи.

Очекувате ли препораките да бидат прифатени и применети?


- Тоа е индивидуална одговорност на секој медиум. Тоа воопшто не е ни прашање за медиумите што се грижат за својата репутација. Ако медиумите избегнуваат одговорност, најважно од сè е јавноста да ја разбере разликата и соодветно да ги избере медиумите чии содржини ќе ги консумира. Доколку граѓаните се посомневаат во некоја новинарска содржина и сметаат дека во неа се нарушени стандардите за професионално известување, секогаш може да реагираат до Советот за етика во медиумите, со поднесување соодветна жалба.

Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема