X
 10.08.2019 Здравје

Нова технологија анализира селфи-видеа за да ви го измери крвниот притисок

Има причина поради која високиот крвен притисок е наречен тивок убиец. Не само што оваа состојба може да доведе до многу потенцијално фатални здравствени проблеми, од срцеви до мозочни удари, туку може и да биде незабележана и да нема очигледни симптоми.

Може да има симптоми што не се видливи за голото око, но истражувачите велат дека новооткриена технологија за смартфони може да ги забележи знаците на хипертензија само преку анализа на селфи-видео на некој корисник.

Технологијата е наречена трансдермално оптичко пресликување и е дело на тим истражувачи од Канада и Кина, кои оригинално сакале да направат бесконтактен детектор за лаги. Но, излегло дека истата технологија што можела да гледа во нечие лице за да каже дали лаже може и да го мери крвниот притисок.

Тоа го натерало тимот да го сврти истражувањето и да се фокусира на медицинските примени. Неодамна тие објавија студија за нивната технологија за мерење на крвниот притисок. Според студијата, технологијата ги користи оптичките сензори на паметните телефони за да ја улови која било светлина што се рефлектира од хемоглобинот под кожата на лицето.

Хемоглобинот е протеин кој го пренесува кислородот низ телото, па преку мерење на неговото движење, техниката може да прибира податоци за крвниот притисок за личноста на селфито.



За да ја направи студијата, тимот ја тренирал и ја тестирал техниката користејќи 2-минутни селфи-видеа од 1.328 возрасни Канаѓани и Кинези и утврдил дека може да мери три типа крвен притисок - систолен, дијастолен и пулс - со точност до 96 отсто.

Тимот веќе го направил трансдермалното оптичко илустрирање достапно за јавноста преку апликација наречена „Анура“.

Истражувачите очекуваат да објават верзија на апликацијата која вклучува мерење на крвниот притисок за кинескиот пазар уште оваа есен. На крајот се надеваат дека оваа техника ќе може да се користи и за мерење на хемоглобинот, холестеролот и нивоата на гликоза во крвта.

Но, дури и ако не се случи, технологијата веќе може да спаси безброј животи така што ќе му помогне на кое било лице со смартфон да дознае дали под неговата кожа има тивок убиец.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје