X
 14.06.2022 Наша тема

Волонтери изградиле засолништа и ги хранат и снимаат мечките на Шар Планина. Цело Доброште му помага на здружението „Шари Беар“

„Шари Беар“ е здружение за заштита на дивите животни што се заштитени со закон, а се залага особено за мечките. Им носат храна на одредени места каде што има поставено камери и видеата ги споделуваат на нивниот фејсбук-профил

Грицкање јаболко, насладување и играње со пченка, чешкање, излежување, уживање во мирот, секакви расположенија и секакви положби на мечките на Шар Планина долови здружението „Шари Беар“. Но не е забележано само секојдневието на мечките, туку на сите животни што минуваат покрај камерите на здружението, а тука се елените, зајаците, срните, лисиците...

„Шари Беар“ е здружение за заштита на дивите животни што се заштитени со закон, а се залага особено за мечките. Ги снимаат и ги споделуваат видеата на нивниот профил на „Фејсбук“.

- Како волонтерска иницијатива, со самофинансирање, изградивме природни засолништа за мечките на Шара обезбедувајќи им удобност и храна, а во замена доловуваме глетки во живо од нивните секојдневни активности. Ако сакате да помогнете, слободно донирајте - апелираат од Здружението.



Спасот на мечките зависи од луѓето

- Од 2001 до 2010 година во Шар Планина настана хаос по шумите, како што се ловење заштитени животни, сечење на шумата, градење нови патишта, неконтролирано уништување на фауната, што придонесе многу да се намали бројот на мечките. Како во секое место каде што се војува, за прва помош е потребна храна. Хаосот владееше 10 години и решивме да им помогнеме на мечките и да им обезбедиме хранилишта и храна - ни сподели Ирфан Селими, претседател на Здружението „Шари Беар“.



Во оваа иницијатива се вклучиле сите жители од селото Доброште, село во Општина Теарце, во околината на градот Тетово.
- Целото население од нашето село беше свесно дека ова е наше богатство и треба самите да го чуваме за да го имаме зашто директорите, министрите се менуваат на четири години и не можат да направат многу. Природата е во наши раце - потенцира Ирфан.



Им носат храна секој четврти ден

Тие имаат поставено 8 камери, а на три места имаат направено хранилишта, над селото Доброште.

- Им носиме храна од февруари-март, кога почнуваат да се будат од спиење, па сѐ до октомври, пред да почне ловната сезона. Најчесто носиме пченка, јаболка, марула, сол и јачмен. На три-четири дена ги контролираме хранилниците. На камерите имаме снимено многу животни, мечки, диви свињи, срни, дива мачка, зајак, разни птици - споделува Ирфан.

Во нивниот реон, каде што се активни, во радиус од 10 километри забележуваат дека циркулираат 15 до 20 мечки постари од две години и 5 млади мечиња родени годинава.



- Немаме точна евиденција колку мечки има на територија на Шар Планина, но претпоставуваме од 50 до 70 мечки. И забележуваме раст на бројот на мечките од 2018 година. Планираме да оствариме соработка со надлежните од Националниот парк Шар Планина за да имаме подобри резултати и информации на фауната на цела Шар Планина - дополнува Селими.



Бројот на мечките се намалува со нарушување на мирот

Според Студија за валоризација на Шар Планина од 2020 година, мечката се среќава по целата површина на Шар Планина, на подрачјата обраснати со шума, но барајќи храна, знае да се спушти и на подгорското подрачје, дури и на рамничарско-бртското подрачје, а знае да се качи и на алпско-субалпското подрачје. Сепак, нејзин природен биотоп на Шар Планина е горското подрачје.



На подрачјето на Шар Планина мечката нема природни непријатели, но сè поголемиот антропоген притисок врз шумите, кои се природниот биотоп на мечката, со нарушување на мирот и постојаните вознемирувања, како и ловокрадството, постои реална можност да се намали нејзината бројна состојба и да се сведе само на одредени подрачја од површината на Шар Планина, под густи мешовити шуми, далеку од населените места.






                                                  

Фото: „Шари Беар“
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема