X
 23.08.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Годината во која немало лето била инспирација за создавање на ликот на Франкенштајн

Климатските услови во таа година биле инспирација за славната книга за Франкенштајн

Отсекогаш сме ги гледале вулканите со страхопочит. Пример за тоа е најголемата регистрирана ерупција на вулканот Тамборa, лоциран на островот Сумбава, кој е дел од Малите Сундски Острови во Малајскиот Архипелаг, Индонезија.

Вулканот Тамборa еруптирал на 10 април 1815 година и во текот на својата активност бил исфрлен вулкански материјал од над 150 км3, поради што вулканската купа, која била висока 4.300 м, се намалила на 2.850 м. Ерупцијата била толку силна што се слушнала до островот Суматра (оддалечен 2.600 км), вжештени облаци од чад и пепел се кренале на височина од 43 км, а од ерупцијата загинале над 70.000 луѓе. Ерупцијата исфрлила огромни количества пепел и сулфур диоксид во стратосферата, кој оксидирал и создал сулфурни аеросоли. Кружењето на правот и гасовите низ целата планета, една година по ерупцијата, ги намалило сончевата радијација и затоплувањето на Земјата, што предизвикало глобални климатски промени на северната хемисфера, поради што 1816 година е позната како „година без лето“!



Во Европа, во август, се јавиле поројни дождови и поплави (особено на реката Рајна), а во Северна Европа температурите паднале под нула и реките замрзнале. Во зима, истата година, во Унгарија и во Италија биле забележани врнежи од сив и црвен снег. Кај Германците 1817 година била позната како година на „просјакот“, бидејќи населението гладувало поради слабиот род во претходната година. Во Швајцарија, во текот на летата 1816 и 1817 година било толку многу ладно, што се формирала мразна брана под глечерот Гиетро. И покрај напорите на инженерите да ја испуштат водата која се насобрала зад браната, мразната брана колабирала во јуни 1818 година и во катастрофалните поплави умреле 40 луѓе. Во Кина, на островот Тајван, кој е тропски остров, биле забележани врнежи од снег. Сезоната на монсуните била нарушена, што резултирало со големи поплави по долината на реката Јангценкјанг, а во Индија поради исклучителните поројни дождови било забрзано ширењето на колерата во регионите на Ганг и Бенгал.



Најновите истражувања на научници од Универзитетот во Единбург, под водство на д-р Андреј Шурер, ги потврдуваат пишаните документи од почетокот на 18 век дека ерупцијата на вулканот Тамбора, која била една од најексплозивните ерупции во последниот милениум, е сигурен причинител за нарушувањата на климата во Европа.
„Вклучувањето на вулканските ерупции во климатските модели може да придонесе за ладење, а ние проценуваме дека до 100 пати ја зголемува веројатноста за екстремно ниски температури“, вели Шурер. Годината без лето била ужасна година за човештвото, а оваа ерупција сведочи за моќта на вулканите и нивното влијание врз глобалната клима на Земјата.

Покрај влијанието во уметноста, годината без лето оставила траги и во литературата. Писателката Мери Шели, нејзиниот сопруг Перди Шели и нивниот пријател лорд Бајрон биле на одмор во Женева во 1816 година, но постојаното студено време и дожд ги натерале да останат во хотелот. За да им помине времето, Мери им предложила сите тројца да напишат готска приказна и да си ја споделат. Климатските услови во таа година ја инспирирале да ја напише славната книга за Франкенштајн.

Подготвил: м-р Мите Ристов, професор по географија во СОУ „Јосип Броз-Тито“ Битола / Извор: ИгеоПортал

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема