X
 24.02.2021 Наша тема

Исти задачи од лани, мамење, плаќање за учество на натпревар... Наставници реагираат, за Сојузот на математичари нема ништо спорно

Задачите беа потешки од оние што се учат на школо. Ако одиме според тоа што се учи по математика по Кембриџ-програмата, таму сите задачи се едноставни, нема потешки задачи. Во сите учебници до деветто одделение нема задачи што бараат размислување. А ова, сепак, е натпревар и овде нема лесни задачи, вели претседателот на Сојузот на математичари, проф. д-р Ѓорѓи Маркоски

Минатата сабота заврши општинскиот натпревар по математика за учениците од основното и од средното образование. Натпреварот се одржа во исто време за сите ученици, а се реализира електронски. Секој ученик решаваше задачи од дома. Задачите и решенијата од натпреварот заедно со првичните резултати беа објавени на веб-страницата на Сојузот на математичари. Приговори можеа да се поднесат до 22 февруари.

По објавата на резултатите, некои наставници реагираа на социјалните мрежи обвинувајќи дека на општинскиот натпревар биле давани истите задачи од ланскиот регионален натпревар. Освен тоа, прашуваат дали организаторите на натпреварите изумиле дека оваа учебна година е хибридна, во форма на учење на далечина, и со скратена наставна програма.

- Имаат посочено дека како материјали за подготовка на учениците се земаат збирките по математика што се користат во училиштата. Почитувани, ви текна ли да ги отворите и разгледате овие збирки? Ви текна ли да ги споредите со дадените задачи на општинскиот натпревар, еве конкретно за 4. одделение? Нека ви служи на чест што на општинскиот натпревар имате искористено 6 задачи од минатогодишниот регионален натпревар по математика без никаква измена? Дали општински и регионален натпревар треба да содржат исти задачи? Еден куп задачи кои како такви не се застапени во збирките што не сте ги погледнале. Капак на ова е тоа што информациите кога, каде и на каков начин ќе се одржат општинските натпревари ги дадовте едвај 24 часа пред одржувањето на натпреварите - реагира наставник во една од групите за наставници на „Фејсбук“.



Освен тоа, се реагира и за тоа што самата дигитална форма нема никаков систем на контрола како решава ученикот (дали камера или кој било начин на следење на решавање), туку учениците што се натпреваруваат само го пишуваат одговорот и толку. Наставници се прашуваат дали на крајот ова ќе излезе дека е општински натпревар на знаења на родителите или постарите браќа и сестри кои слободно можеле да помогнат во решавањето на задачите.

Наставници реагираат и за тоа што се плаќа 150 денари за учество на натпревар.

- Кој го измислил ова да се плаќа за да се учествува на натпревар? Тоа учество треба да е гордост, чест и задоволство за ученикот, наставниците и за училиштето. Би требало веднаш да се прекине со котизации и би требало учениците да се натпреваруваат во училница наместо онлајн - вели друг наставник во коментар.

Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, претседател на Сојузот на математичари, вели дека е можно да се погодат некои исти со задачите од лани и дека тоа не е спорно.

- Факт е дека задачите беа потешки од оние што се учат на школо, сепак, ова е натпревар. Ако одиме според тоа што се учи по математика по Кембриџ-програмата, таму сите задачи се едноставни, нема потешки задачи. Во сите учебници до деветто одделение нема задачи што бараат размислување. А ова, сепак, е натпревар и овде нема лесни задачи. Што се однесува до тајмингот за информирање, две недели пред натпреварот се знаеше точно кога ќе се одржи натпреварот. Дента беше објавено само информација дека на посебна страница на „Гугл“ ќе бидат задачите. Инаку датумите се знаеја, до директорите беше испратена и е-порака - уверува Марковски.

Учениците се натпреваруваа од дома, без надзор. Маркоски вели дека биле чесни, со некои исклучоци.

- Имаше случај, на пример, три деца во исто време пратиле задачи со исти грешки, но тоа беа изолирани случаи. На општинскиот натпревар немаше многу ученици со освоени 100 поени. На пример, во седмо одделение имаше 30 стотки од вкупно 800 деца, што не е ни 10 проценти - вели тој.

Во врска со плаќањето за натпревар, професорот Марковски вели дека мора да се наплаќа за учество бидејќи никој не го финансира Сојузот.

- Немаме начин да се финансираме. Дел од парите одат за членовите на комисиите што ги прават прашањата, дел одат за техничка подготовка. Некогаш ќе ни дојде редот да правиме и Балканска олимпијада, а тоа си бара организација. Договорот е таков - сите учесници да се сместат бесплатно на таа олимпијада. Не е дека парите ги трошиме ненаменски и недомаќински - вели Маркоски.

Регионалниот натпревар ќе се одржи на 13 март. Децата ќе решаваат задачи онлајн од дома, со тоа што ќе бидат надгледувани со камери за мамењето да се сведе на минимум.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема