X
 30.01.2021 Наша тема

Финска, Естонија, САД - дали жените полека ќе завладеат со машкиот свет на политиката?

Каја Калас неодамна стана првата премиерка на Естонија, додека, пак, Камала Харис стана првата жена-потпретседател на САД. Се чини дека поставувањето жени на високи државни функции сè уште е предизвик за многу земји. Најчесто кога некоја жена ќе биде поставена за претседател, премиер, канцелар и слично, втората реченица во биографијата е дека таа е првата жена поставена на таа функција.

Инспирирани од жените како Калас, Харис, германската канцеларка Меркел и финската премиерка Сана Марин, решивме да направиме компилација за жените што успеале да се искачат на највисоките скалила во општеството и да ги предводат своите земји. За некои земји веќе сте слушнале дека се водени од жени, но за некои веруваме дека ќе се изненадите.

Ќе почнеме со европските лидерки, притоа забележувајќи дека на Балканот имаме само една премиерка, српската. Исто така, треба да се истакне дека во Македонија досега не е избрана жена за претседател или премиер на државата.

Meркел - жената со најдолг стаж на лидер во Европа

merkel
Фото: Wikipedia

Можеби една од најмоќните жени во светот, лидерка на земјата што ја води европската економија. Ангела Меркел се смета за еден од најдобрите лидери на денешницата, а за тоа зборува и должината на нејзиниот мандат. Иако не е ни близу до времето на владеење на британската кралица Елизабета, Ангела ја предводи Германија откако во 2005 година беше избрана за првата жена-канцелар. Малкумина знаат дека има докторат за квантна хемија, а нејзиниот успех како политичар се препишува на нејзиниот научен, аналитички пристап кон ситуациите.

Каја Калас - првата премиерка во историјата на Естонија

kalas
Фото: Wikipedia

43-годишната Калас неодамна стана првата премиерка во историјата на Естонија, откако претходната влада падна поради корупциски скандал. Родена во Талин во 1977 година, Каја Калас е ќерка на Сим Калас, кој служел како 14. премиер на Естонија, а подоцна и еврокомесар. Дедо ѝ е Едуар Алвер, еден од основачите на Република Естонија и прв началник на естонската полиција од 1918 до 1919 година.

Калас дипломирала на правниот факултет на Универзитетот во Тарту и магистрирала деловна администрација на Естонската бизнис-школа. Пред да влезе во политиката, работела како адвокат.

Мете Фредриксен - најмладата избрана премиерка во Данска

mete
Фото: Wikipedia

Родена во Алборг, Северна Данска, Фредриксен не потекнува од политичко семејство. Нејзиниот татко бил типографер, а нејзината мајка била наставничка. Дипломирала администрација и социјални науки на Универзитетот „Алборг“, а подоцна магистрирала африкански студии на Универзитетот во Копенхаген.

Во 2019 година Фредриксен ја презеде функцијата премиерка на Данска, а меѓународно стана позната во периодот кога поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, изјави дека го одложува состанокот со неа, со оглед на нејзината категорична изјава дека Данска не е заинтересирана за дискусии за купување на Гренланд.

- Гренланд не е за продажба. Гренланд не е дански. Гренланд му припаѓа на Гренланд. Искрено се надевам дека продажбата не беше сериозна - изјави таа за еден весник.

Сана Марин - најмладата премиерка во светот

sana
Фото: Wikipedia

На само 34-годишна возраст, поранешната министерка за транспорт од Социјалдемократската партија на Финска стана новата премиерка на земјата, која ја презеде функцијата од Анти Рине.

Сана Марин е родена во Хелсинки во 1985 година и се преселувала во неколку градови во земјата. Родена е во истополово семејство и е прва во семејството што завршила факултет. Додека била мала, се чувствувала невидливо бидејќи не можела отворено да разговара за нејзиното семејство. И покрај тоа, нејзината мајка ѝ е најголема поддршка во животот.

Токму нејзиното воспитување има длабок ефект врз нејзината политика.

- За мене, луѓето отсекогаш биле еднакви. Не станува збор за мислење. Тоа е основата на сѐ - изјави таа во интервју во 2015 година.

Дипломирала и магистрирала административни науки на Универзитетот во Тампере, а во 2012 година, на само 27 години, станала шеф на градската администрација во Тампере.

Норвешка


Фото: Ерна Солберг/Wikipedia

Ерна Солберг е премиер на Норвешка од 2013 година, а сега го служи вториот мандат. Ја нарекуваат Железната Ерна, инспирирано од прекарот на Маргарет Тачер - Железната Леди, но и норвешката Ангела Меркел. Солберг претходно била министерка за локална самоуправа и регионален развој. Таа е 28. премиер на Норвешка и втора жена на оваа позиција. Има 59 години и две деца.

Србија


Фото: Ана Брнабиќ/Wikipedia

Ана Брнабиќ (45) е претседателка на владата на Република Србија од 2017 година, а претходно била министерка за државна управа и локална самоуправа. Таа влегла во владата како независен кандидат во 2016 година. Брнабиќ е прва жена-премиер во Србија и прв отворен хомосексуалец на чело на владата. Во 2019 г. списанието „Форбс“ ја прогласи за 88. најмоќна жена во светот и 19. најмоќна жена-политичар и лидер. Во 2019 год. нејзината партнерка Милица Ѓурџиќ роди син.

Литванија


Фото: Ингрида Шимоните/Wikipedia

Ингрида Шимоните е премиерка на Литванија од 25 ноември 2020. Таа претходно била министер за финансии од 2009 до 2013 и се кандидирала за претседател на изборите во 2019. Таа е независен политичар, а работела како економист на повеќе позиции пред да почне да се занимава со политика во 2016, кога учествувала во парламентарните избори како независен кандидат и освоила место во парламентот. Покрај литвански, Шимоните зборува и англиски, полски и руски, а има и основно познавање од шведскиот. Таа има 46 години, не е во брак и нема деца.

Нов Зеланд


Фото: Џасинда Ардерн/Wikipedia

Џасинда Кејт Лорел Ардерн (40) ја почнала кариерата како истражувач во канцеларијата на поранешната премиерка Хелен Кларк во 2001 година. Првпат била избрана за член на парламентот во 2008 година. Ардерн станала премиер во 2017 година и тогаш била најмладиот лидер на влада во светот со своите 37 години. Во 2018 г. станала и вториот лидер на влада што родил дете за време на мандат, кога ја родила својата ќерка. Се опишува како социјален демократ и прогресивец. Светот најдобро ја знае по доброто справување со пандемијата на коронавирусот минатата година. Во ноември 2020 освои втор мандат како премиер на Нов Зеланд.

Азија

Аунг Сан Су Чи е државен советник на Мјанмар, што одговара на местото премиер. Таа е ќерка на генералот Аунг Сан, еден од творците на независноста на Бурма. Повеќе од две децении Су Чи била политички затвореник поради борбата за демократизација на Мјанмар, а 15 години поминала во домашен притвор. За нејзината политичка борба во 1991 година добила Нобелова награда за мир, која ја прифатила дури во 2012 година. За време на нејзината власт, по повод етничкото чистење во Мјанмар, Су Чи била осудена од светската јавност за нејзиното премолчување, а низ светот била иницирана петиција, потпишана од стотици илјади луѓе, со барање да ѝ биде одземена Нобеловата награда.


Аунг Сан Су Чи/Wikipedia

Бидја Деви Бандари е претседателка на Непал. Таа е првата жена поставена на оваа позиција во Непал. Има богата политичка кариера, а во 2016 година „Форбс“ ја внесе во листата со 100 најмоќни жени во светот.

Халима Јакоб е претседателка на Сингапур од 2017 година. И таа е првата жена-претседател на својата земја.

Кери Лам е првата жена-лидер на Хонгконг. Таа е премиерка на овој специјален административен регион на Кина.

Цај Ингвен е тајванска политичарка и професорка која ја врши функцијата претседател на Тајван од 2016 година и е првата жена поставена на таа функција.

Жена ја држи позицијата премиер и во Бангладеш. Шеик Хасина најдолго време е премиер на оваа земја. Таа е на позицијата е од 2009 година.

Саломе Зурабишвили е грузиска политичарка и дипломат и актуелен претседател на Грузија од 2018 година. Таа е првата жена во историјата на таа земја избрана за претседател.

Саломе Зурабишвили/Wikipedia

-Улогата на жената во нашето општество е клучна и нејзиниот придонес за нашите политички, културни, претприемачки и образовни кругови е клуч за нашиот развој - напиша таа во една пригода на „Твитер“.

Мехрибан Алијева, физичарка и офталмолог, е прва потпретседателка на Азербејџан, а на истата позиција на Филипините е поставена Лени Робердо.

Африка

Во Африка жените поставени на високи државни позиции се бројат на прсти. Така, на овој континент има само една жена-претседател на земја, и тоа Сахле-Ворк Зевде, која од 2018 година е претседателка на Етиопија и првата жена во таа земја што е поставена на таа позиција.

Сахле-Ворк Зевде/Wikipedia

Истовремено, Исатоу Турај, истакната активистка против женското обрежување, е потпретседателка на Гамбија, Џуел Тејлор е потпретседателка на Либерија, Самиа Хасан Сулуху од 2015 година е првата жена потпретседател на Танзанија, а Инонге Мутуква Вина е потпретседателка на Замбија.

Во Африка има три премиерки: Сара Кугонгелва на Намибија, Роуз Кристијане Рапонда на Габон и Виктоар Томега Догбе на Того. Сите три се први жени поставени на позицијата премиер.

Америки

Пола-Меј Викес е претседателка на Тринидад и Тобаго. Таа е првата жена избрана да ја врши таа функција.

Во меѓувреме, јужно од САД има неколку потпретседателки на држави: Беатриз Аргимон на Уругвај, Делси Родригез на Венецуела, Марта Лусија Рамирез на Колумбија, Марија Алехандра Муњоз на Еквадор и Кристина Фернандез де Киршнер на Аргентина.

Виолета Бермудез е единствената премиерка во Јужна Америка. Таа ја предводи владата на Перу.

На листата може да ги додадеме и Епси Кампбел Бар, која е прва потпретседателка на Костарика, Миа Мотли, која е премиерка на Барбадос и Росарио Мурило, која е потпретседателка, а истовремено и прва дама на Никарагва.

И последната, но можеби и една од најважните е Камала Харис, која стана првата жена-потпретседател на можеби најголемата светска сила - Соединетите Американски Држави. Камала е прва жена, и тоа црномурна и со имигрантско потекло што дојде на потпретседателската функција во САД.

Камала Харис/Wikipedia

Анализирајќи ги сите овие земји, често помислувавме дека ова дефинитивно е машки свет. Но, свет кој полека се менува. Таа втора реченица од биографијата на многу од овие жени, тоа дека се првите припаднички на понежниот пол избрани за не толку нежни државни функции, влева барем малку надеж дека овој свет се менува.

Извори: Time.com |  Dailysabah.com | CNN | Business Insider | New York Times | Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски | Драгана Петрушевска | Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема