X
 30.06.2023 Наша тема

За четири пати намалена смртноста на доенчињата од пред десет години, но сѐ уште се случуваат трагедии

Од Комитетот за безбедно мајчинство нагласуваат дека смртноста кај доенчињата се користи како клучен индикатор за мерење на севкупното здравје на децата и на целата популација

Од една страна, оптимистички бројки дека смртноста на новороденчињата во земјава е намалена за четири пати во последните десет години. Од друга страна, сведоци сме на трагедии и крикови на мајки кои ги загубиле бебињата неколку часа по породувањето, тужби и обвиненија. Здравствената заштита на родилките и бебињата во Македонија се движи од светло до најтемно. Што и да се очекува во земја каде што сѐ уште има општини без матични гинеколози, жени кои поради предрасуди и страв не одат редовно на гинеколог и болници со дефицит на гинеколошки кадар? Напорите да се подобри здравствената заштита во овој сегмент низ годините се зголемуваат, но трагедиите што се случуваат се потсетник дека уште многу работи треба да се менуваат.

Црната статистика од 237 случаи падна на 58


Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во последните десет години за четири пати е намалена смртноста кај доенчињата. За умрено доенче се смета дете што починало пред да ја наврши првата година од животот. Ако во 2013 година имало 237 умрени доенчиња, минатата 2022 година црната статистика изброила само 58. Бројките постепено опаѓаат низ годините што, според надлежните, укажува на унапредување на здравствената заштита на мајките и новороденчињата. Сепак, јавноста ги памети и трагедиите како онаа во април годинава во Битола кога почина штотуку родено бебе откако мајката по добивањето на првите симптоми за раѓање била вратена дома, а потоа кога се јавила во болница веќе било доцна. Како и обвинението против двајца гинеколози од Битола за тешки дела против здравјето на луѓето за несовесно постапување при укажување лекарска помош – породување на пациентка - родилка од село Смилево, Општина Демир Хисар, поради што настапила смрт на новороденчето.



Најризична била 2016 година со 8 починати деца и бебиња во една недела

Гледано низ годините, во 2013 имало 237 починати доенчиња, во 2014 - 233, 2015 - 198, 2016 - 273, 2017 - 201, 2018 - 122, 2019 - 112, 2020 - 108, 2021 - 85 и 2023 - 58. По број на починати предничи 2016 година кога зголемената смртност кај бебињата здравствените власти ја објаснуваа со зголемениот број предвреме родени бебиња и чести инфекции кај бебињата. Иако преку превентивните програми на Министерството за здравство се одвојуваа средства за да се заштити здравјето на бебињата и на родилките, според податоците од невладиниот сектор, највисока стапка на смртност кај доенчињата имаше во регионите каде што недостигаа матични гинеколози и каде што немаше гинеколошки установи. Црниот биланс таа година стигна дотаму што за една недела во август имаше осум починати новороденчиња и деца, од кои тројка предвремено родени бебиња на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Намалени стапките на перинатална и неонатална смртност


И денес постојат слабости во здравствената заштита, особено со дефицит на гинеколози во одредени региони, поради што се користат услугите на мобилните гинеколошки амбуланти. Сепак, статистичките бројки изгледаат оптимистични. И од Комитетот за безбедно мајчинство соопштија дека во 2021 година стапката на перинатална смртност изнесувала 9,2 на 1.000 раѓања, што е намалување во споредба со 2020 година кога изнесувала 10 на 1.000 раѓања.

Во последната деценија стапката на доенечка смртност во земјава има тенденција на опаѓање. Во 2021 стапката изнесувала 4,6 на 1.000 живородени.

- Смртноста кај доенчињата се користи на меѓународно ниво како клучен индикатор за мерење на севкупното здравје на децата и целата популација. Стапката на доенечка смртност е повисока во земјите каде што постојат значителни нееднаквости во здравствениот статус на населението и расте во земји кои се соочуваат со социолошки, културолошки и политички неповолни состојби - велат од Комитетот за безбедно мајчинство.

Неонатална смртност претставува број на умрени доенчиња во првите 28 дена од раѓањето на 1.000 живородени во дадената година и е важен индикатор за матерналното и новороденечкото здравје и здравствена грижа. Во 2021 година стапката на неонаталната смртност изнесува 2,9 на 1.000 живородени и во последните пет години е во опаѓање.



Мастер-план за пренатална нега

- Комитетот за безбедно мајчинство при Министерството за здравство континуирано работи на подобрување на овие индикатори. Постигнат е голем напредок за намалување на смртноста и за унапредување на здравствената заштита на мајките и новороденчињата. За таа цел, реализиран е мастер-план за пренатална нега за 2020-2030 година за подобрување на здравјето на мајката и новороденчето и забрзување на националниот напредок во подобрувањето на здравјето на жените и децата - велат од Комитетот.

Мастер-планот подразбира формирање перинатални мрежни единици, обуки во родилиштата, изготвени нови протоколи и упатства за лекарите, доекипирање со кадар и опрема и најважно - пожртвуваноста на медицинскиот кадар. Тоа се факторите кои, според надлежните, доведоа до намалување на новороденечката смртност. Реализирано е подобрување на инфраструктурата и опремата, обезбедени се две комплетно опремени возила за неонатален транспорт, реализирана е обука на транспортниот тим (педијатар, медицинска сестра, возач), креиран е систем за електронска регистрација на сите упатувања на родилки и новороденчиња, присутен во „Мој термин“.



Потресни сведоштва на мајки

Но, загубените животи на бебињата, иако во надолен тренд, фрлаат сенка врз ваквите статистики. Јавноста се сеќава на потресната исповед на 24-годишната мајка од Битола која го загуби синот неколку часа по породувањето.

„Точно дека бев вратена од болница и сè уште си го поставувам прашањето зошто? Се вратив в раце на други. Откако ми го пукнаа воденикот и „искусните“ воочиле дека има мекониум, а ЦТГ-уредно, имаше време за царски рез. Кога бебето било во канал, можеа веднаш да употребат вакуум и да го извадат бебето. Додека по пукањето на воденикот викав од болки и молев за рез уште два часа, госпоѓата која веднаш по смртта на моето бебе си замина на одмор, животински ми скокаше на стомакот, ми се смееше и ми рече: Ако не ти се бендисваме ние, оди си во Плодност“, напиша родилката на социјалните мрежи.

Со ова се отвора прашања дали родилките се враќаат дома доколку породувањето е започнато, но гинеколозите проценуваат дека уште е рано? Дали родилката може да процени кога треба да се врати? Што да се прави со местата каде што недостигаат гинеколози? Што со некои приватни матични гинеколози кои наплаќаат и за прегледи што следуваат бесплатно?

Потребно е уште многу да се работи за здравственото нишало да се врати во рамнотежа.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема